Голем пожар на Огражден: Загрозена црквата „Св. Петар и Павле“, се вклучуваат и два ер-трактори

Точка

14/07/2026

18:52

275

Големина на фонт

а а а

Голем шумски пожар попладнево избувна во атарот на селото Бајково, во општина Ново Село, на падините на планината Огражден, при што пламените јазици се закануваат да ја зафатат црквата „Св. Петар и Павле“.

Според првичните информации, пожарот започнал околу 16:30 часот и поради временските услови и теренот брзо се проширил, што предизвикало итна реакција на надлежните служби.

На терен интервенираат регионалните противпожарни екипи од Струмица, а во гаснењето се вклучени и доброволците од Доброволното противпожарно друштво „Рис“. Во обид да се спречи огнот да стигне до храмот, помош пружаат и жители од околните населени места.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека поради сериозната опасност од понатамошно ширење на пожарот, во секој момент се очекува да полетаат два ер-трактори на ДЗС, кои од воздух ќе им помогнат на екипите што веќе се борат со огнената стихија.

Главната цел на интервенцијата е да се стави пожарот под контрола и да се заштити црквата „Св. Петар и Павле“, како и да се спречи огнот да се прошири кон околните шумски површини и населени места.

Надлежните апелираат граѓаните да не се движат во близина на зафатеното подрачје и да ги следат официјалните информации додека трае интервенцијата.