[ФОТО] Мисајловски на затворањето на Командата на SEEBRIG во Куманово

Макфакс

15/07/2026

13:31

156

Големина на фонт

а а а

Со свечена церемонија во касарната „Боро Менков“ во Куманово беше завршен мандатот на Командата на SEEBRIG, чија седиште беше во Северна Македонија шест години. Министерот за одбрана Владо Мисајловски потенцираше дека земјата успешно придонела за мирот и безбедноста и изрази благодарност до сите учесници.

Со свечена церемонија денеска (15 јули) во касарната „Боро Менков“ во Куманово заврши уште едно успешно поглавје на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG) чие седиште изминативе шест години беше во нашата држава, по што истата врз принципот на ротациона основа својата мисија ќе продолжи да ја извршува во Истанбул, Република Турција

Министерот за одбрана Владо Мисајловски се обрати на денешната завршна церемонија кој пред присутните истакна дека во текот на овие шест години мандат, нашата држава покажа дека успешно придонесува за регионалниот и меѓународниот мир и безбедност и покажа дека сме кредибилен, сигурен и активен партнер.

На свеченоста на која присуствуваа началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, претставници на земјите членки на Процесот за соработка на министрите за одбрана на Југоисточна Европа (SEDM), воено-дипломатскиот кор, претставници од Армијата и МО и други високи гости, Мисајловски нагласи дека присуството на Командата овде во Куманово во изминативе шест години овозможи дополнително зајакнување на односите со земјите учеснички.

„Шест години достигнувања, зајакната доверба и трајни пријателства. Тоа е SEEBRIG! Еден од најуспешните примери за регионална одбранбена соработка, изградена врз вредностите кои сите ние ги споделуваме – меѓусебна доверба, партнерство, солидарност и заедничка одговорност за мирот, стабилноста и безбедноста на Југоисточна Европа“ потенцира министерот Мисајловски и додаде дека оваа иницијатива ја прикажува нашата јасна и цврста определба за регионална соработка, колективна безбедност и почитување на принципите.

Во своето обраќање Мисајловски се заблагодари на локалната самоуправа и на граѓаните на Куманово за покажаното гостопримство, како и на сите команданти и припадници на Командата кои служеа овде во Куманово, за нивната посветеност и придонес во исполнување на мисијата.

По повод завршувањето на мандатот на Командата на SEEBRIG и во чест на одличната соработка и поддршка во изминатиот период, командантот на Командата, бригадниот генерал Билбил Битри на министерот Мисајловски му го врачи знамето на Бригадата.

На денешната церемонија присуствуваа претседавачот на СЕДМ Секретаријатот, амбасадорот Елефтериос Ангелопулос, замениците министри за одбрана на Албанија, Пранвера Скана, на Бугарија, Љубомир Монов, и на Турција, Муса Хејбет, како и замениците на началникот на Генералштаб на останатите земји-членки на Бригадата – Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција.