Пратеникот Благој Бочварски упати прашања до министерката за образование за предложените законски измени и најавената оптимизација во образованието, посочувајќи на ризиците од централизација, финансиско оптоварување и затворање на училишта, што може да остави големи последици врз наставниците, учениците и локалните заедници.
Пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски, на денешната седница упати три прашања до министерката за образование Весна Јаневска, кои се однесуваа на измените во законите за основно и средно образование, најавената оптимизација во образованието и последиците што овие политики можат да ги имаат врз наставниот кадар, учениците и локалните заедници.
Бочварски рече дека предложените законски измени не претставуваат вистинска реформа на образованието, туку отвораат прашања поврзани со централизација на надлежностите, дополнително финансиско оптоварување на општините и иднината на малите и рурални училишта. Особено спорна е најавената оптимизација на наставниот кадар, при што праша дали овој процес можел да се спроведе преку природен одлив на вработените, односно со постепено заминување во пензија, наместо преку резови кои, ќе остават сериозни последици врз наставниците, учениците и опстанокот на училиштата.
Тој предупреди дека затворањето на училиштата, особено во руралните средини, може дополнително да ја зголеми миграцијата од село кон град, имајќи предвид дека училиштата во многу места се единствената институција што го одржува животот во локалните заедници.







