По исчезнувањето на моноволумените од понудата на повеќето производители, "Volkswagen Caddy" останува еден од најпрактичните модели на пазарот.
„Volkswagen“ го претстави освежениот "Caddy", модел кој со години успешно ги комбинира улогите на семеен автомобил, доставно возило и верен придружник за љубителите на патувањата. Најновата верзија носи помодерен изглед, напредна технологија и побогата опрема, а најголемите промени се кријат во внатрешноста.
Преднарачките започнаа денес, а „Volkswagen“ особено внимание посвети токму на она што купувачите најмногу го бараа: поедноставно управување и помодерно дигитално опкружување.
Нова внатрешност инспирирана од "Golf"
На прв поглед, најголемата новина е новиот централен екран со дијагонала од 12,9 инчи.
Поставен е самостојно на врвот од контролната табла и визуелно го доближува "Caddy" до патничките модели од гамата на „Volkswagen“, пред сè до "Golf".
Покрај поголемиот екран, „Volkswagen“ ги поедностави менијата на инфозабавниот систем за секојдневното користење да биде поинтуитивно. Корисниците сега можат да ги приспособат кратенките за најчесто користените функции, што го олеснува управувањето за време на возењето.
Практично подобрување носат и осветлените допирни лизгачи за регулирање на температурата. Тие сега се јасно видливи и при ноќно возење, што беше една од најчестите забелешки кај корисниците на претходните модели.

Повеќе опрема уште во основната верзија
Побогата е и сериската опрема.
Сите нови модели на "Caddy" сега доаѓаат со дигитална инструмент табла "Digital Cockpit Pro", како и безжичен полнач за паметни телефони со моќност од 25 W.
За корисниците кои преферираат класично полнење, достапни се два USB-C приклучоци со излезна моќност до 60 W, што овозможува брзо полнење на различни уреди.
Практичноста, една од главните карактеристики на "Caddy", е дополнително унапредена. Патничките верзии добија рачки на Б-столбовите за полесно влегување и излегување од возилото, како и робусни куки за облека кои помагаат кабината да остане уредна.

Прв избор за семејства, занаетчии и патници
Во текот на годините, "Caddy" стекна популарност кај многу различни групи купувачи.
Го користат семејства на кои им е важен просторот, занаетчии на кои им е потребно функционално работно возило, но и љубители на патувања и авантури.
Затоа „Volkswagen“ не ја менуваше успешната формула.
Во понудата остануваат товарната верзија "Cargo", патничките изведби со пет или седум седишта, како и "California", компактниот кампер кој во последните години доби голем број обожаватели.
Високото ниво на практичност го потврдува и можноста за влечење приколка со маса до 1.500 килограми.

Бензинец, дизел или хибрид
Купувачите и понатаму ќе можат да избираат помеѓу бензински и дизел мотори, како и plug-in хибридната верзија eHybrid.
Токму хибридната изведба е меѓу најинтересните новитети.
Според фабричките податоци, вкупниот досег надминува 620 километри, додека до 122 километри може да се поминат исклучиво на електричен погон.
Тоа значи дека многу возачи ќе можат секојдневните градски релации да ги извршуваат без употреба на бензинскиот мотор.

Специјална верзија Generation
По повод почетокот на продажбата, „Volkswagen“ подготви и специјално издание наречено "Generation".
Се базира на пакетот опрема "Life" и носи дополнителни дизајнерски детали, зимски пакет и проширена опрема од безбедносни и асистентски системи.
Цени и гаранција
Почетната цена на моделот "Caddy Cargo" на германскиот пазар изнесува 26.480 евра без ДДВ, додека патничката верзија започнува од 28.740 евра без ДДВ.
Новитет е и петгодишната фабричка гаранција, која отсега стандардно доаѓа со секој нов "Caddy".











