Мексико долго време е еден од најголемите центри за производство на автомобили, каде што фабрики имаат речиси сите големи автомобилски производители. Сега би можел да го добие и својот прв сериозен домашен бренд, под името „Olinia“.
„Olinia Uno“ е првиот модел на првиот мексикански бренд за електрични возила. Станува збор за компактен електричен модел со шест седишта, развиен и произведен во Мексико со поддршка на федералната влада.
За разлика од повеќето нови електрични автомобили кои се насочени кон приватните купувачи, „Olinia Uno“ е замислен како замена за мотоциклите и трицикличните такси-скутери кои се многу распространети по улиците на мексиканските градови.
Возилото не е наменето за долги патувања. Наместо тоа, фокусот е ставен на кратки градски релации и такси-превоз.
Го придвижува литиум-железо-фосфатна батерија со капацитет од само 14,7 kWh, во комбинација со еден електромотор со моќност од 17 КС (13 kW).
Перформансите се скромни – максималната брзина изнесува само 50 km/h, додека автономијата е ограничена на околу 100 километри со едно полнење.
Hoy presentamos Olinia, el auto eléctrico creado por jóvenes mexicanas y mexicanos. pic.twitter.com/IkexSRtTDY
— Claudia Sheinbaum Pardo (@Claudiashein) June 7, 2026
Главниот адут е ниската цена
Главната предност на новиот модел треба да биде неговата пристапна цена.
„Olinia Uno“ во Мексико стартува од 150.000 пезоси, односно нешто помалку од 7.500 евра.
Компанијата тврди дека трошокот за користење изнесува само 0,50 пезоси по километар, што е значително помалку од класичните такси-возила со мотори со внатрешно согорување и мотоциклите што се користат за превоз на патници.
Полнењето на стандардна домашна приклучница од 220 волти трае околу четири часа, што овозможува возилото лесно да се наполни во текот на ноќта и да биде подготвено за работа следното утро.

Функционалноста пред естетиката
Според производителот, „Uno“ е идеален за кратки групни патувања, патници со багаж, семејства со деца и постари лица.
Во кабината и на надворешниот дел се наоѓаат голем број рачки за држење, додека задните врати кои се отвораат во спротивна насока од предните овозможуваат полесно влегување и излегување.
Благодарение на ваквото решение, во возилото може да влезе и лице во инвалидска количка без дополнителни модификации.
Прототипот на моделот „Uno“ го претстави претседателката на Мексико, Клаудија Шејнбаум, која со него пристигна на сцената за време на светската премиера одржана во воената база Санта Лусија.
Дизајнот можеби нема да ги воодушеви љубителите на автомобили, но јасно е дека во овој случај функционалноста била поважна од естетиката.













