Менувачите со двојна спојка можат да издржат и до 200.000 километри без поголеми дефекти доколку правилно се користат и одржуваат, утврди германскиот автомобилски клуб „ADAC“.
Многу навики на возачите можат да го забрзаат абењето на спојката и да го зголемат ризикот од скапи дефекти.
Благо притискање на сопирачката на семафор
Ако благо ја притискате сопирачката додека автомобилот стои, спојката во менувачот може да остане делумно вклучена, што доведува до поголемо загревање и абење.

Возење „малку по малку“
Во сообраќаен метеж автомобилот често се придвижува на кратки растојанија, а спојката постојано се вклучува и исклучува.
Ако условите го дозволуваат тоа, почекајте да се ослободи доволно простор пред вас, а потоа придвижете го возилото во еден потег.

Менување на насоката додека возилото се движи
Префрлањето на менувачот од возење наназад во возење нанапред додека возилото се движи дополнително ја оптоварува спојката. Пред да ја смените насоката, задолжително запрете го автомобилот.

Возење по нагорнина под оптоварување
Ако често возите по нагорнина, особено со приколка или со тежок товар, спојката може да се прегрее.
За да го задржите возилото на нагорнина, активирајте го системот „Auto Hold“ наместо да ја држите притисната сопирачката или педалата за гас.

Ладен мотор
Откако ќе го стартувате моторот, почекајте неколку моменти за маслото да проциркулира и хидрауличниот систем да го достигне потребниот притисок. Не тргнувајте нагло.

Замена на маслото
Интервалот за замена на маслото зависи од типот на менувачот, но обично изнесува од 60.000 до 120.000 километри. Следете ги препораките на производителот.











