Хрватскиот автомобилски претприемач Мате Римац изјави дека европските производители на автомобили не можат да ги надминат кинеските компании во директна конкуренција, туку треба да развиваат сопствена пазарна ниша.
Во разговор за весникот „Automobilwoche“, Римац наведе дека европските производители не можат да ги победат кинеските конкуренти натпреварувајќи се само во цената, производството на електрични погонски системи или одредени технолошки решенија.
Таквата стратегија ја спореди со обид швајцарскиот производител на часовници „Rolex“ да се натпреварува со американската технолошка компанија „Apple“.

Според него, Европа треба повеќе да се потпира на производи кај кои може да ја оправда повисоката цена со технологија, квалитет, бренд и ексклузивност, пренесува порталот „Poslovni“.
Особено е скептичен во поглед на можноста европските производители да им бидат конкурентни на кинеските компании во сегментот на евтини мали автомобили.

Во истото интервју, Римац откри и дел од финансиските показатели на компаниите во рамките на „Rimac Group“, која ја сочинуваат „Rimac Technology“, „Rimac Energy“, „Bugatti Rimac“ и „Verne“.
Секоја од нив, истакна Мате Римац, мора да биде способна да работи самостојно и да создава вредност.

„Rimac Technology“ има договорено зделки со производители на автомобили во вредност од околу пет милијарди евра, а приходите годинава би требало да достигнат приближно 350 милиони евра.
„Rimac Energy“, според неговите зборови, веќе има договорено зделки вредни повеќе од една милијарда евра, додека „Bugatti Rimac“, по заминувањето на „Porsche“, добил поголема слобода во донесувањето одлуки.












