Од првиот ден до денес, „Toyota Corolla“ е продадена во 57 милиони примероци, со што стана најпродаваниот автомобил на сите времиња. По повод 60-годишнината, „Toyota“ подготви ретроспектива на овој модел.
Од претставувањето во 1966 година, „Corolla“ помина низ 12 генерации и бројни каросериски изведби, меѓу кои лимузини, хечбекови, купеа и каравани. Во „Toyota“ сметаат дека клучот за нејзиниот успех е спојот на доверливоста, пристапната цена, практичноста и постојаното усовршување.
Во продолжение следува развојниот пат на „Corolla“, а вие слободно напишете ни во коментарите дали имате искуство со овој модел и какви спомени или анегдоти ве врзуваат за него.
Прва генерација (1966 – 1970)
Првата „Toyota Corolla“ беше претставена на Саемот за автомобили во Токио во 1966 година, а продажбата во Јапонија почна во ноември истата година. Ја придвижуваше 1,1-литарски бензински мотор со 60 КС, а понудата подоцна беше проширена со лимузина со четири врати, караван и спортското купе „Sprinter“. За само три години, „Corolla“ стана најпродаваниот автомобил во Јапонија.

Втора генерација (1970 – 1974)
Втората генерација беше претставена во 1970 година, кога „Corolla“ веќе достигна еден милион продадени примероци. „Toyota“ ги подобри безбедноста, удобноста и практичноста, а понудата ја прошири со купе и со спортскиот модел „Levin“, со 1,6-литарски мотор од 115 КС. Во овој период беа произведени вкупно 2,4 милиони примероци.

Трета генерација (1974 – 1979)
Третата генерација беше развиена со цел да стане идеален семеен автомобил, со поголем акцент на безбедноста и удобноста. За првпат беа спроведени тестови во аеродинамички тунел, што придонесе за подобра аеродинамика, а беа воведени и безбедносни зони за апсорпција на ударот. Производството надмина 3,75 милиони примероци.
Четврта генерација (1979 – 1983)
Четвртата генерација пристигна во време на енергетска криза, па „Toyota“ стави посебен акцент на економичноста и на подобрувањето на возните карактеристики. „Corolla“ за првпат доби управувачки механизам со запчеста летва и запчаник, подобрена задна суспензија и 1,8-литарски дизел-мотор, воведен во 1982 година. Внатрешноста исто така беше унапредена со поквалитетни материјали и попрактични решенија.
Петта генерација (1983 – 1987)
Петтата генерација беше претставена во мај 1983 година и донесе една од најголемите промени во историјата на моделот. „Corolla“ за првпат доби погон на предните тркала, а верзиите со заден погон останаа во понудата за љубителите на поспортско возење. Особено се издвои легендарното купе „AE86“, последната „Corolla“ со мотор поставен напред и погон на задните тркала.

Шеста генерација (1987 – 1991)
Кај шестата генерација, „Toyota“ дополнително ги подобри квалитетот на изработката, удобноста и нивото на опременост. Дизајнот доби позаоблени линии, а купувачите можеа да избираат меѓу бројни каросериски изведби и мотори, вклучувајќи шест бензински и еден дизел-мотор. За првпат во понудата имаше и погон на сите четири тркала.

Седма генерација (1992 – 1995)
Седмата генерација беше поголема, побрза, побезбедна и потивка од претходната, со забележливо влијание на луксузната марка „Lexus“ врз дизајнот и квалитетот. „Toyota“ посвети посебно внимание на суспензијата и управливоста, настојувајќи да го приспособи автомобилот на европските возачи. Од септември 1994 година, воздушното перниче за возачот стана дел од стандардната опрема.
Осма генерација (1995 – 2000)
Со осмата генерација, „Toyota“ ја смени стратегијата и почна да развива посебни верзии на „Corolla“ за европскиот пазар, со директно учество на европски дизајнерски тимови. Во фокусот беа намалувањето на масата, потрошувачката на гориво и емисиите на штетни гасови, како и пониските трошоци за одржување. Ова беше и првата „Corolla“ што можеше да се добие со сателитска навигација како дополнителна опрема.
Деветта генерација (2000 – 2006)
Деветтата генерација донесе целосно нов дизајн и платформа, со посебен фокус на европските купувачи. Понудата опфаќаше хечбекови со три и пет врати, лимузина и повеќенаменска верзија „Corolla Verso“, а меѓу моторите имаше и дизел-мотори „D-4D“ со систем за вбризгување „common rail“. Внатрешноста беше унапредена со поквалитетни материјали и инструменти инспирирани од моделите на „Lexus“.

Десетта генерација (2007 – 2012)
Десеттата генерација носеше различни имиња во зависност од пазарот. Во Европа, хечбекот беше познат како „Auris“, додека лимузината го задржа името „Corolla“. „Toyota“ им даде предност на просторот во кабината, безбедноста и удобноста, а во понудата беа воведени нови бензински и дизел-мотори. Во 2010 година беше претставен „Auris Hybrid“, првиот хибриден модел на „Toyota“ што се произведуваше масовно во Европа.
Единаесетта генерација (2013 – 2018)
Единаесеттата генерација донесе целосно редизајнирана „Corolla“, со посебен акцент на динамиката во возењето, управливоста и ефикасноста. Понудата опфаќаше бензински, дизелски и целосно хибридни верзии, а во Европа моделот и натаму се продаваше под името „Auris“. За првпат по осмата генерација, во понудата повторно се најде караван, под ознаката „Touring Sports“.
Дванаесетта генерација (2019 – денес)
Актуелната, дванаесетта генерација беше претставена во 2019 година и се темели на платформата „TNGA-C“ на „Toyota“, која донесе пониско тежиште, поцврста каросерија и подобри возни карактеристики. Купувачите добија избор меѓу 1,8-литарски и 2,0-литарски хибриден погон, а „Corolla“ на европскиот пазар од самиот почеток беше достапна исклучиво со хибридни погонски системи. Понудата подоцна беше проширена со спортскиот пакет опрема „GR Sport“ и со теренскиот модел „Corolla Cross“.
















