„Toblerone“ брутално го исмеа новото „Ferrari“: Интернетот не престанува да ја споделува фотографијата

Точка

29/05/2026

14:30

1.709

Големина на фонт

а а а

„Ferrari“ никогаш досега не бил мета на толку критики, но и потсмев.

Новиот електричен „Ferrari Luce“ не престанува да предизвикува бурни реакции на интернет, а сега во целата приказна се вклучи и познатиот швајцарски производител на чоколади „Toblerone“.

„Toblerone“ на социјалните мрежи објави фотографија од своето чоколадо целосно редизајнирано во стилот на новиот модел на „Ferrari“. Наместо препознатливите триаголни врвови по кои ова слатко е познато со децении, чоколадото сега е мазно и заоблено, без ниту еден остар агол. Дополнителна поврзаност со „Ferrari“ дава и светлосината боја, речиси идентична на нијансата на еден од претставените примероци на моделот „Luce“.

Покрај фотографијата стоеше пораката: „Ова нема да се случи“, по што „Toblerone“ додаде дека „секогаш ќе ги задржи аглите“.

Објавата многу брзо стана вирална бидејќи директно се однесува на главната замерка што многумина ја имаат кон првиот целосно електричен автомобил на „Ferrari“. Критиките не се насочени толку кон фактот што станува збор за електричен модел, туку кон неговиот изглед, кој многумина го сметаат за целосно "неферариевски".


Интернетот со денови го исмева „Ferrari“

Од претставувањето на моделот „Luce“, социјалните мрежи се преполни со споредби и шеги на сметка на дизајнот на автомобилот. Некои корисници го споредуваат со компјутерски глушец, други со обични хечбек модели, додека АИ-генерираните видеа во кои Енцо Ферари го уништува автомобилот станаа вистински хит на интернет.

„Ferrari“ веројатно очекувал поделени реакции кога го претстави својот прв целосно електричен модел, но тешко дека можел да предвиди дека јавно ќе биде исмеан дури и од производител на чоколади.

Критики пристигнуваат и од редовите на „Ferrari“

Негативните коментари не доаѓаат само од корисниците на интернет. Новиот модел јавно го критикуваше и поранешниот претседател на „Ferrari“, Лука ди Монтеѕемоло, човекот кој ја водеше компанијата цели 23 години.

„Ако кажам што навистина мислам, ќе го повредам Ferrari“, изјави 78-годишниот Монтеѕемоло, видливо незадоволен од новиот модел.

Тој додаде дека „Ferrari“ ризикува „да уништи една легенда“ и сугерираше дека можеби треба да го отстрани и славниот амблем со исправениот коњ. Според него, единствената добра работа е што „ниту Кинезите нема да се обидат да го копираат овој автомобил“.


Под контроверзниот дизајн се кријат повеќе од 1.000 КС

Без оглед на поделените мислења за изгледот, „Ferrari“ за „Luce“ најавува импресивни перформанси.

Автомобилот користи четири електромотори кои заедно развиваат 1.050 коњски сили. До 100 км/ч забрзува за само 2,5 секунди, што го прави побрз од некои модели на „Ferrari“ со класичен бензински мотор.

За разлика од повеќето суперспортски модели на „Ferrari“, „Luce“ нуди простор за пет патници и голем багажник, со што италијанската марка се обидува да ги спои екстремните перформанси и секојдневната практичност.

Сепак, барем засега, се чини дека повеќе се зборува за неговиот дизајн отколку за бројките што ги нуди.