Често ви се случува да возите со многу мала количина гориво во резервоарот, сè додека не се запали ламбичката за резерва? Иако на прв поглед тоа изгледа безопасно и практично, особено во брзиот начин на живот, оваа навика на долг рок може да предизвика сериозни и скапи дефекти на вашиот автомобил.
Експертите предупредуваат дека возењето „на резерва“ не е само прашање на комфор, туку и на техничката исправност на возилото.
Имено, пумпата за гориво во автомобилот се потпира на горивото не само како извор на енергија, туку и како средство за ладење и подмачкување. Кога нивото на гориво е ниско, пумпата останува делумно изложена на воздух, што го зголемува ризикот од прегревање и забрзано трошење.

Во такви услови, пумпата мора да работи под поголемо оптоварување, што со текот на времето може да доведе до нејзин дефект. А кога ќе дојде до расипување на пумпата за гориво, поправката не е ниту евтина, ниту едноставна.
Дополнителен проблем претставува и она што се наоѓа на дното од резервоарот. Со текот на времето, таму може да се насоберат ситни нечистотии, талог и честички прашина. Кога често возите со минимална количина гориво, постои поголема веројатност токму тие нечистотии да бидат вовлечени во системот за довод на гориво, што може да доведе до затнување на филтерот или оштетување на инјекторите.

Тоа понатаму може да влијае на послабата работа на моторот, зголемена потрошувачка на гориво, па дури и на отежнато палење на автомобилот.
Иако многу возачи сметаат дека „резервата“ значи дека сè уште имаат доволно гориво за возење, таа всушност е предупредување дека е време за дополнување, а не сигнал за продолжување на возењето во таков режим.

Механичарите затоа советуваат резервоарот да не се спушта под една четвртина од капацитетот. На тој начин не само што се штити системот за гориво, туку и се продолжува работниот век на целиот мотор.
Навидум мала навика, како чекањето да се запали резервата, може на долг рок да ве чини многу повеќе отколку што ќе „заштедите“ со одложувањето на одењето на бензинска пумпа.










