„Ferrari“ е на прагот на историски момент. Денеска, 25 мај, нешто по 22:00 часот, ќе биде претставен првиот целосно електричен автомобил од Маранело – модел чие создавање беше најавено уште пред неколку години.
Што се знае за првиот електричен „Ferrari“
Новиот модел го носи името „Luce“, што на италијански значи „светлина“, а ќе стане втор автомобил на „Ferrari“ со четири врати, по моделот „Purosangue“.
Меѓутоа, за разлика од „Purosangue“, кој е „SUV“ со атмосферски V12 мотор, „Luce“ ќе биде елегантен и низок „grand tourer“. Ќе го придвижуваат четири електрични мотори развиени внатре во самата компанија.

Перформанси и спецификации
„Ferrari“ уште пред денешното откривање сподели неколку клучни технички спецификации.
Се очекува вкупната моќност да надмине 986 коњски сили, а четирите мотори ќе се напојуваат од батериски пакет со бруто капацитет од 122 kWh.
„Luce“ би требало да забрзува од 0 до 100 km/h за само две и пол секунди, додека максималната брзина ќе му биде 310 km/h.
Досегот со едно полнење според „WLTP“ циклусот ќе изнесува 530 километри, иако според пореалниот „EPA“ тест се очекува автономија под 485 километри.
Сопствениците нема да минуваат многу време на полначи, бидејќи „Luce“ ќе може да се полни со моќност до 350 kW.
Очекувано, ова ќе биде и најтешкиот автомобил што компанијата некогаш го произвела, со проценета маса од 2.300 килограми и распределба на тежината 47:53 меѓу предната и задната оска.
Ентериер во соработка со поранешен дизајнер на „Apple“
Додека надворешниот изглед останува целосна мистерија, „Ferrari“ откри дел од тајните на ентериерот.
„Luce“ се обликува како интересен спој на аналогно и дигитално, што е резултат на соработката со компанијата „LoveFrom“. Станува збор за креативен колектив основан од Сер Џони Ајв, поранешен шеф за дизајн во „Apple“, кој им помогнал на Италијанците да развијат целосно нови прекинувачи што потсетуваат на златното време на физичките контроли.
Сепак, во денешно време екраните се неизбежни.
„Luce“ ќе има дигитална инструмент-табла монтирана на управувачкиот столб, екран на допир свртен кон возачот, како и заден екран што ќе им овозможи на патниците да ги приспособуваат поставките за климата.
Како и напред, така и патниците позади ќе добијат неколку физички копчиња, наместо целосно да зависат од екрани на допир.

Цената и иднината на моторите на „Ferrari“
Сè уште многу работи не се познати за моделот „Luce“, а цената е една од најголемите непознати.
„Bloomberg“ неодамна објави дека почетната цена ќе изнесува околу 550.000 евра, што е приближно 10 проценти повеќе отколку што претходно сугерираше „Reuters“. Се претпоставува дека станува збор за цена за италијанскиот пазар, каде ДДВ изнесува 22 проценти.
Без разлика на цената, „Ferrari“ веќе порача дека купувачите заинтересирани за нивните специјални автомобили од ограничени серии нема да бидат принудени да купат електрично возило за да обезбедат место на листата.
„Luce“ ќе се склопува во нова, наменска фабрика во рамките на комплексот во Маранело.
Доаѓањето на моделот „Luce“ не претставува почеток на крајот за моторите со внатрешно согорување.
До крајот на деценијата, „Ferrari“ предвидува дека 40 проценти од неговите модели и понатаму ќе користат бензински погони, додека уште 40 проценти ќе бидат хибриди. Се очекува електричните возила да сочинуваат преостанати 20 проценти.
Со други зборови, моторите V6, V8, па дури и V12 остануваат во понудата.
Електричниот „Ferrari“ како нужност
Иако идејата за електричен „Ferrari“ можеби не им се допаѓа на традиционалистите, во реалниот свет „Luce“ е неопходност.
Дури и егзотичниот италијански бренд мора да се приспособува на сè построгите прописи за емисии, а „plug-in“ хибридите повеќе не се доволни сами по себе.
Развојот на електрични возила му овозможува на „Ferrari“ да продолжи да продава автомобили со мотори со внатрешно согорување, како оние со V12 мотор, бидејќи хибридните и електричните модели помагаат во намалување на вкупниот јаглероден отпечаток на целата гама.
Во исто време, самата идеја за електричен „Ferrari“ е интригантна.
Иако ќе биде електричен, „Luce“ нема да биде целосно тивок, бидејќи „Ferrari“ ветува „автентични“ звуци интегрирани во возачкото искуство.
За што подобро доживување, ќе бидат достапни пет нивоа на моќност, иако компанијата ја исклучи можноста за симулирани менувања на брзини.











