Контроверзната водителка Мегин Кели остро ја критикувала актерката Деми Мур поради нејзиниот „шокантен“ изглед на Филмскиот фестивал во Кан.
Актерската ѕвезда се појавила на црвениот килим пред прикажувањето на филмот „The Electric Kiss“, носејќи светкав фустан без прерамки, кој ја нагласил нејзината витка фигура.
Меѓутоа, фустанот ги нагласил и нејзините забележливо послаби раце, што го привлекло вниманието на славната водителка.
„Шокантно е слаба. Искрено, изгледа анорексично… кожа и коски“, рекла таа во средата во својата емисија.
Кели особено се шокирала од фотографиите на кои актерката ги има раширено рацете, а кои покажувале колку навистина е слаба.


„Изгледа како жртва на Холокаустот. Простете ми, но, мислам, едвај има мускули. Ова не треба да се слави. Не сакам да ја осудувам, бидејќи мислам дека се соочува со нешто, со нешто емоционално, очигледно, но мора да проговориме и да кажеме: не, не, не, не, ова не е здраво и не е привлечно. Со сета должна почит, мислам дека всушност треба да ја посрамиме и да кажеме дека тоа е непривлечно, бидејќи без тоа дополнително ниво на посрамување нема да ги спречите младите девојки да сакаат да ја имитираат“, додала Кели.

Инаку, Мур е членка на жирито на овогодишниот фестивал, што значи дека, заедно со другите, ги оценува филмовите што дебитираат на раскошниот настан, за да се одреди кој ќе ја освои „Златната палма“. Покрај неа, во жирито се и режисерите Парк Чан-Вук, Лаура Вандел, Диего Сеспедес, Клои Жао, како и актерите Рут Нега, Исак де Банколе, Стелан Скарсгард и сценаристот Пол Лаверти.

Кели и претходно ги коментирала славните ѕвезди поради нивните послаби фигури, сугерирајќи дека користат лекови за слабеење како Оземпик. Во декември се осврнала на Аријана Гранде, пејачката и актерка која беше мета на остри критики поради фигурата што ја покажала за време на промоцијата на филмот „Wicked“. Кели рекла дека Гранде изгледа „опасно слабо“.

„Очигледно е дека е анорексична. Ако има околу 40 килограми, и тоа е многу. Изгледа како да можете со прсти да ја преполовите“, коментирала водителката, која во април ја критикувала и пејачката Меган Трејнор, нарекувајќи ја „буквално непрепознатлива“.

„Од Меган Трејнор, која ја славеше позитивноста кон телото, дури и кај девојките со поголеми конфекциски броеви, стигнавме до Меган Трејнор која е слаба колку што може да биде. Ако има 56 килограми, и тоа е многу, што е дополнителен доказ за лагите што претходно нѝ ги кажуваше. Таа не мислеше дека е ’совршена од глава до пети‘, тоа беше куп глупости. Цело време сакала да биде слаба“, рекла Мегин.









