Првиот концерт од турнејата „Sing Along All Night Long“, на која настапува заедно со групата „Earth, Wind & Fire“, бил прекинат поради здравствените проблеми на 77-годишниот пејач.
Иако се обидел да ја смири публиката со шега, организаторите набрзо потврдиле дека Ричи нема да се врати на сцената.
„Кога ќе ти се заврти, најдобро е да седнеш“
Инцидентот се случил во „Grand Casino Arena“ за време на изведбата на хитот „Dancing on the Ceiling“. Ричи среде песната седнал на платформата и ѝ признал на публиката дека му се врти, додавајќи дека таа песна никогаш претходно не ја изведувал седејќи.
„Кога ќе ти се заврти, најдобро е да седнеш“, се пошегувал музичарот пред на клавир да ја отсвири „Three Times a Lady“. Потоа најавил кратка пауза и ја напуштил сцената.
Неговиот петчлен бенд продолжил да свири уште околу петнаесет минути, но бидејќи Ричи не се вратил и тие се повлекле. Околу 40 минути подоцна, саксофонистот Дино Солдо ѝ се заблагодарил на публиката за трпението и објаснил дека пејачот не се чувствува добро и дека концертот нема да продолжи.
Пред настапот немаше знаци на проблеми
Снимките од моментот кога Ричи седнал на сцената набрзо ги преплавија социјалните мрежи. Дел од публиката изрази разочарување поради прекинатиот настап, додека други покажаа разбирање, истакнувајќи дека станува збор за 77-годишен музичар кому здравјето мора да му биде на прво место.
Само неколку часа пред концертот, Ричи на Инстаграм објавил фотографии од тонската проба со порака: „Вечерва почнуваме. Проби. Тонска проба. Настап вечерва. Сент Пол, вие сте на ред!!!“
Џон Парис, тапанарот на групата „Earth, Wind & Fire“, изјавил дека Ричи пред излегувањето на сцената не покажувал никакви знаци на болест и дека, според неговите зборови, бил само малку дехидриран.
Турнејата би требало да продолжи според планот
Концертот во Сент Пол беше првиот од вкупно 26 настапи на заедничката турнеја „Sing Along All Night Long“. Станува збор за трет дел од соработката меѓу Ричи и групата „Earth, Wind & Fire“, по успешните турнеи одржани во 2023 и 2024 година.
Следниот настап е закажан веќе за петок во Чикаго, а потоа следуваат концерти во Торонто, Бостон, Њујорк, Филаделфија, Сан Франциско и Лос Анџелес. Американскиот дел од турнејата завршува во средината на август во Остин, по што Ричи продолжува со настапи на Малта, во Велика Британија, Сент Луис и Бразил.
Претставниците на Ричи засега не се огласиле во врска со неговата здравствена состојба, ниту за можни промени во распоредот на турнејата.













