[ФОТО] Која е жената чие име наводно се нашло во мобилниот телефон на Емануел Макрон? Протекуваат и пораки: „Убава си“

Точка

15/05/2026

21:00

768

Големина на фонт

а а а

Голшифте Фарахани е меѓународно позната иранска актерка со француско државјанство, која работела со бројни светски имиња.

Откако во Иран се соочила со критики поради својата меѓународна филмска кариера, одлучила својот пат да го продолжи во Франција. Сега се најде во центарот на контроверзија што не е поврзана со нејзината богата филмска кариера, туку со претседателот Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит.

Имено, францускиот новинар Флоријан Тардиф во својата нова книга „(Речиси) совршен пар“ ги истражува „забранетите зони“ околу бракот на францускиот претседател и првата дама. Фарахани се нашла во таа приказна кога новинарот јавно изјавил дека токму таа е „виновникот“ за познатиот минатогодишен „десен кроше“, како што шлаканицата ја нарекол Доналд Трамп, кој Брижит му ја упатила на својот сопруг во авион во Виетнам во мај минатата година.


Новинарот ја прозвал актерката, наведувајќи дека се допишувала со претседателот, па првата дама, откако ги видела пораките, наводно така реагирала удирајќи го Макрон во лицето — момент што стана вирален, иако тие тврдат дека станувало збор за шега меѓу сопружници.

Во политичката книга е наведено дека актерката и претседателот разменувале приватни пораки, опишани како „платонска врска“.

Која е всушност Голшифте Фарахани?

Иранската актерка е родена во 1983 година во Техеран, а својата кариера ја започнала уште во детството – почнала да оди во театар на шестгодишна возраст. Целото нејзино семејство се занимава со глума: нејзиниот татко, Бехзад Фарахани е театарски директор и актер, мајка ѝ Фахимех исто така е театарска актерка, како и нејзината сестра Шагајег. Името Голшифте го измислил нејзиниот татко и значи „цвет полн со љубов“, додека нејзиното вистинско име е Рахавард.


До денес глумела во повеќе од 40 филмови, од кои многу биле наградувани и препознаени на меѓународни фестивали. Со улогата во филмот „Body of Lies“ на Ридли Скот од 2008 година, заедно со Леонардо ди Каприо и Расел Кроу, Фарахани станала првата Иранка што глумела во голема холивудска продукција, според „Letterboxd“.


Истата година била протерана од Иран поради одбивањето да носи хиџаб за време на премиерата на филмот. Иако тогаш јавно не ги артикулирала своите политички ставови против Исламската Република, подоцна станала активистка, инспирирана да ја искористи својата слобода на социјалните мрежи.


„Кога си Иранка, твојот живот е многу испреплетен со политиката, дури и кога тоа не го сакаш. Кога ќе се родиш, се раѓаш во политика за која дури и не знаеш, но си дел од неа. Исто така, како Иранка, родена сум и порасната во Иран. Теократијата стана дел од нашето постоење: носењето хиџаб од шестгодишна возраст до училиште, неможноста да пееш, гледањето на родителите како се борат за опстанок и така стануваш дел од таа борба“, изјавила таа во интервју за еден студентски весник пред неколку години.

Глумела и во филмови како „Exodus: Gods and Kings“, исто така во режија на Скот, „Paterson“, „Pirates of the Caribbean: Dead Men Tell No Tales“, „Extraction“ и „Alpha“, кој излезе минатата година.


Зошто сега е во центарот на вниманието?

Во интервју за радио РТЛ во средата, за време на промоцијата на книгата, Тардиф го опишал виралниот инцидент во кој учествувал францускиот пар како типична „сцена меѓу сопружници“, сугерирајќи дека станувало збор за приватен брачен момент што привлекол огромно внимание во јавноста откако се проширил на интернет. „Се случило тоа што видела порака од позната личност, иранската актерка Голшифте Фарахани“, изјавил Тардиф, кој политички го следи Макрон уште од 2017 година.


Тој тврди дека Макрон со француско-иранската актерка неколку месеци одржувал „платонски“ однос, иако „тоа повеќе не е случај“, и дека ѝ испраќал пораки кои „отишле прилично далеку“, меѓу кои и реченицата: „Ве сметам за многу убава“. „Тоа ми беше кажано и повторено од нивното опкружување“, изјавил Тардиф, инсистирајќи дека неговиот приказ се темели на „факти“, а не на гласини.

Потсетуваме, снимката од шлаканицата на аеродромот во Ханој минатиот мај го обиколи светот. Макрон тогаш тврдеше дека со сопругата „се препукувале, односно се шегувале“, додека службеник од Елисејската палата го опиша тој момент како „опуштање“, „задевање“ и знак на „блискост“ пред почетокот на официјалната посета.

Тардиф, меѓутоа, тврди поинаку. „Таа приватна сцена стана јавна поради недоразбирање во авионот. Мислевме дека расправијата завршила. Не беше така“, изјавил тој.


Врската меѓу Емануел и Брижит и инаку често го привлекувала вниманието на јавноста, особено поради значителната разлика во години меѓу нив. Брижит, која сега има седумдесет години, првпат го запознала Емануел кога тој бил тинејџер и учел во католичко училиште во Амиен, на северот на Франција, каде што таа предавала драма. Нивната врска подоцна прераснала во романса што привлече големо внимание во Франција и во светот.