„Red Bull Advanced Technologies“ го привршува развојот на долгонајавуваниот хиперавтомобил „RB17“, проект кој многумина веќе го нарекуваат еден од најекстремните автомобили некогаш направени за патека.
Автомобилот, кој го дизајнираше легендарниот дизајнер од Формула 1, Адријан Њуи, сега се наоѓа во завршна фаза на производство и наскоро би требало да започнат тестирањата на патека.
Британските медиуми наведуваат дека финалната монтажа веќе се одвива во седиштето на „Red Bull“ во Милтон Кејнс, каде што се создаваат и болидите на тимот од Формула 1.
Последниот голем проект на Адријан Њуи
„RB17“ претставува последен голем проект на Адријан Њуи во „Red Bull“ пред неговото заминување во „Aston Martin“.
Њуи, кого многумина го сметаат за најголем дизајнер во историјата на Формула 1, учествуваше во освојување на бројни шампионски титули со Вилијамс, Мекларен и „Red Bull“.
Самото име „RB17“ ја пополнува празнината во номенклатурата на Ф1 болидите на „Red Bull“ меѓу „RB16B“ и „RB18“, бидејќи тој број никогаш не бил користен во Формула 1.
Според претходните изјави на Њуи, целта на проектот била создавање на „ултимативен автомобил за патека“, без ограничувањата кои постојат во Формула 1, како буџетски лимити или правилата на ФИА.
Кристијан Хорнер претходно изјави дека „RB17“ е „Адријан без никакви ограничувања“, нагласувајќи дека станува збор за најамбициозниот проект што „Red Bull“ некогаш го реализирал..
Radical Red Bull RB17 Hypercar Getting Closer To Production
— Zero2Turbo (@Zero2Turbo) April 6, 2026
Expect to see it make an appearance at a Formula 1 weekend and maybe even a surprise run up the Goodwood Hill.
Read more: https://t.co/9YWsDb29qD pic.twitter.com/rF7JbpOaXD
Перформанси подобри од болид од Формула 1
„RB17“ го придвижува атмосферски 4,5-литарски V10 мотор кој развива околу 1.000 коњски сили, додека дополнителни 200 КС доаѓаат од хибридниот електричен систем.
Вкупната моќност изнесува околу 1.200 коњски сили, а автомобилот тежи само околу 900 килограми благодарение на карбонската конструкција.
Моторот може да достигне дури 15.000 вртежи во минута, што е карактеристика која денес ретко се гледа дури и кај суперавтомобилите.
Посебно внимание предизвикаа тврдењата на инженерите на „Red Bull“ дека „RB17“ би можел да биде побрз од модерен Ф1 болид на одредени патеки, наведува „Motor1“.
Според симулациите што ги објави компанијата, хиперавтомобилот на патеката Спа-Франкоршамп наводно бил повеќе од една секунда побрз од актуелните болиди во Формула 1.

Дизајн инспириран од Формула 1
Автомобилот користи напредна аеродинамика инспирирана од Ф1 технологија, вклучувајќи активно потпирање и екстремно обликувана каросерија.
„RB17“ има две седишта, што била една од главните желби на Њуи за време на развојот на проектот.
Тој претходно објасни дека сакал сопствениците да можат да го споделат возачкото искуство со пријател или инструктор, слично како кај тркачките програми за професионални возачи.
Финалниот дизајн дополнително е унапреден во однос на верзијата прикажана на „Goodwood Festival of Speed“ во 2024 година.
Новите елементи вклучуваат изменети аеродинамични површини, поагресивен преден дел и подобрена стабилност при високи брзини.
Само 50 примероци по цена од шест милиони долари
„Red Bull“ планира производство на само 50 примероци од „RB17“, а секој автомобил ќе чини околу шест милиони долари.
Поголемиот дел од возилата наводно веќе се резервирани за богати колекционери и љубители на мотоспортот.
Производството ќе се одвива во кампусот „Red Bull Technology“ во Милтон Кејнс, додека купувачите ќе добијат и специјална поддршка од компанијата за транспорт, одржување и организација на возења на патека.
Компанијата истакнува дека не сака „RB17“ да заврши како експонат во приватни гаражи, туку автомобилот активно да се користи на патеки ширум светот.
Токму поради тоа, „Red Bull“ планира организација на специјални настани и ексклузивни „track day“ програми за сопствениците на овој хиперавтомобил.










