Колку ќе поскапат автомобилите од јули? Овие модели ќе бидат најпогодени

Точка

06/05/2026

18:17

1.812

Големина на фонт

а а а

Целосниот пакет задолжителни безбедносни системи навистина ја зголемува цената на новите автомобили.

Од 7 јули годинава стапува на сила последната фаза од директивата на ЕУ 2019/2144, позната како Општа одлука за безбедност или „GSR“.

Поголемиот дел од новите системи веќе станаа задолжителни од 7 јули 2024 година за новите возила. Она што сега се менува е тоа што завршува преодниот период. Од тој датум натаму, ниту еден автомобил нема да може да биде регистриран во Европа, дури и ако е базиран на платформа одобрена пред 2024 година, без целосно усогласување со новите прописи.


Две важни новини

Тоа значи дека модел дизајниран во 2018 година, како на пример мал автомобил со застарена електроника, повеќе нема да може да се продава како нов во Европа по 7 јули без дополнителни ажурирања. Производителите мора да го завршат обновувањето на своите понуди и модели.

Тука доаѓа до израз и главната видлива техничка новина за патничките автомобили во оваа фаза – адаптивното стоп-светло, кое брзо трепка кога автомобилот ќе детектира нагло сопирање при брзина поголема од 50 км/ч и забавување поголемо од 6 m/s2.

Адаптивното стоп-светло, односно „ESS“ („Emergency Stop Signal“), е систем што многу премиум производители со години го нудат во своите модели. „Mercedes“, „BMW“, „Audi“, „Volvo“ и други брендови го вградуваат како стандардна опрема во повисоките класи уште од пред една деценија.

Она што се менува од 7 јули е тоа што системот станува задолжителен за сите возила, вклучително и за најевтините автомобили од околу 15.000 евра, како и за товарните возила.

Покрај тоа, автоматското сопирање во итни ситуации („AEB“), со детекција на пешаци и велосипедисти покрај возилото, беше воведено уште во јули 2024 година, но не го поседуваа сите модели. Сега ќе мора да биде вграден и кај најевтините автомобили на пазарот.


Колкава ќе биде цената?

Целосниот пакет задолжителни системи навистина ќе ја зголеми цената на новите автомобили, но помалку од првичните проценки.

Според анализите базирани на проценката на влијанието од Европската комисија, дополнителниот трошок по возило ќе се движи меѓу 400 и 1.500 евра, во зависност од комплексноста на моделот. Малите градски автомобили ќе бидат поблиску до понискиот дел од овој опсег, додека големите SUV модели и премиум автомобилите ќе бидат во повисокиот ценовен ранг.

Сепак, дополнителни 1.000 евра за автомобил што чини 15.000 евра претставуваат зголемување од речиси седум проценти од основната цена. Кај премиум автомобил од 60.000 евра, истиот износ значи зголемување од само 1,7 проценти.

Токму затоа, во релативна смисла, поевтините автомобили ќе бидат најпогодени од новите европски прописи.