Лимузината „Geely Emgrand i-HEV“ троши само 2,22 l/100 km и цели кон светски рекорд

Точка

06/05/2026

08:08

703

Големина на фонт

а а а

На неодамна одржаниот Саем за автомобили во Пекинг, „Geely“ официјално ја претстави петтата генерација на моделот „Emgrand i-HEV“, хибридна лимузина која веднаш по премиерата го привлече вниманието на светската јавност. Имено, компанијата ги објави резултатите од тестирањата во реални услови, при што ова возило забележало потрошувачка од само 2,22 литри гориво на 100 километри.

Овој резултат е официјално пријавен во „Guinness“ книгата на рекорди како најниска потрошувачка на гориво кај сериско хибридно возило, со што е надмината ефикасноста на досегашните лидери на пазарот, како „Toyota Prius“.


Оптимизиран и штедлив

Импресивниот резултат се базира на новата архитектура „BMA Evo“ и интелигентниот хибриден систем „i-HEV“. Погонскиот склоп користи конфигурација со два електромотори и интегрирана погонска единица „11-во-1“.

Специјално развиениот хибриден мотор добил сертификат за термална ефикасност од 48,41%, што во моментов претставува највисока вредност меѓу сериски мотори во светот.

Според официјалните податоци, електричниот погон доминира во повеќе од 80% од сценаријата на возење според „WLTC“ стандардот, со што работата на моторот со внатрешно согорување е намалена за повеќе од 27% во споредба со конвенционалните хибриди.


Покрај економичноста, „Geely“ постигнал значителен напредок и во перформансите и удобноста. Погонскиот мотор испорачува максимална моќност од 230 kW, а автомобилот може да вози исклучиво на електричен погон до брзина од 66 km/h.

Системот дополнително се потпира на AI технологија и „паметни“ сензори кои континуирано следат параметри како влажност, температура и надморска височина. Овие податоци се користат за динамична оптимизација на управувањето со енергијата, што дополнително ја подобрува ефикасноста за повеќе од 10%.


Батерискиот пакет, специјално развиен за хибриди, користи течно ладење и поседува „IP68“ сертификат за отпорност на прашина и вода.

„Geely“ истакнува дека системот поминал ригорозни тестирања на издржливост од 15.000 часа на тест-платформи, што е еквивалентно на околу 4,8 милиони километри реално возење, вклучувајќи проверки на функционалноста на екстремни надморски височини до 4.650 метри.


Дизајнерски напреден

Посебно внимание било посветено и на намалувањето на бучавата и вибрациите преку користење активна контрола на звукот, со што нивото на бучава во кабината е сведено на само еден децибел повеќе во споредба со целосно електричните возила.

Кабината на возилото е опремена со стандарден 12,3-инчен екран на допир и 10,25-инчна дигитална инструмент табла.