Норвешките рибни фарми ги затрупуваат фјордовите и другите крајбрежни подрачја со хранливо загадување, кое, според нов извештај е споредливо со непрочистените канализациски води што годишно ги создаваат десетици милиони луѓе.
Норвешка е најголемиот светски производител на одгледуван лосос, а хранливите материи од рибната храна директно завршуваат во крајбрежните води. Анализата на Институтот „Sunstone“ покажува дека норвешките производители во 2025 година испуштиле 75.000 тони азот, 13.000 тони фосфор и 360.000 тони органски јаглерод, пишува „Guardian“.
Тие количини одговараат на непрочистени отпадни води што би ги создале 17,2 милиони луѓе кога станува збор за азот, 20 милиони луѓе кога станува збор за фосфор и дури 30 милиони луѓе во случајот со органскиот јаглерод, се наведува во извештајот. Очекувано, тоа поттикнува загриженост поради можно штетно цветање на алги.

„Норвешка е мала земја со само 5,5 милиони жители, а нивото на загадување од аквакултурата, гледано преку овие три хранливи материи е три до пет пати поголемо од бројот на населението“, изјавила Александра Пирес Дуро, научничка за податоци во „Sunstone“ и авторка на извештајот. „Измет, неизедена храна, урина – сето тоа завршува во водата“, истакнала таа.
Проблематичен „рибен талог“
Рибите во одгледувалиштата се хранат со пелети богати со хранливи материи во отворени мрежести кафези, а аналитичарите, користејќи податоци од националната Управа за рибарство и Ветеринарниот институт, пресметале колку хранливи материи остануваат во водата.
Истражувачите утврдиле дека потрошувачката на храна пораснала за 14,6 отсто во период од шест години, следејќи го ширењето на индустријата. Со тоа нивото на загадување со хранливи материи во 2025 година достигнало вредности какви што би се очекувале во непрочистените отпадни води на држава со големина на Австралија. Дополнителна анализа покажува дека сезонските промени само го влошуваат проблемот. Оптоварувањето со хранливи материи е најголемо во лето, кога екосистемите се најмалку способни да ги апсорбираат.

Тој рибен талог го поттикнува растот на фитопланктонот и може да предизвика цветање на алги, кои го трошат кислородот во водата, а фјордовите се особено чувствителни на тоа бидејќи се делумно затворени системи во кои хранливите материи полесно се натрупуваат. Нивото на кислород во нив веќе опаѓа поради глобалното затоплување.
Во Согнефјорд, најдолгиот норвешки фјорд, зголемениот доток на хранливи материи е одговорен за околу две третини од намалувањето на кислородот, покажало минатогодишно истражување, додека потоплата вода е виновна за преостанатата третина.
Пад на нивото на кислород е забележан и во Хардангерфјорд, вториот најдолг фјорд во Норвешка, според податоците на регионалните власти на Вестланд. Во март властите одбиле девет барања за нови рибни фарми во тој фјорд токму поради дополнителните емисии што би ги предизвикале. Том Педерсен, советник за животна средина во регионот и стручен рецензент на извештајот на Институтот „Sunstone“, рекол дека нивните резултати не се изненадувачки и дека дури се „прилично конзервативни“.
Пад на нивото на кислород во фјордот
„Во последните години главниот проблем е тоа што сите тие алги, планктон и други организми умираат, тонат на дното и се разградуваат, а тој процес троши кислород“, рекол тој, додавајќи: „Крајниот резултат е пад на нивото на кислород во фјордот“.
Кристер Хоас од Норвешката асоцијација на производители на морска храна изјавил дека количината на емисии го одразува обемот на производство на храна во земјата и нејзината самодоволност во кризни ситуации, истакнувајќи дека индустријата континуирано работи на намалување на влијанието врз животната средина.

„Важно е да се разликува моменталната состојба од прашањето за идниот раст“, рекол Хоас, додавајќи: „Институтот за истражување на морето јасно порачува дека значително зголемување на производството во одредени фјордови би можело локално да го зголеми ризикот од еутрофикација, но дека сегашното производство е во рамките на границите што природата може да ги поднесе. Тоа овозможува строго управување приспособено на конкретната локација, но не докажува дека сегашните активности ги уништуваат фјордовите“.













