Ново истражување објавено во списанието „Nature“ покажува дека невремињата со крупен град до крајот на векот би можеле да станат од 38 до 47 отсто почести, во зависност од емисиите на стакленички гасови. Климатските промени ги засилуваат условите за формирање крупен град, што овој феномен го прави сè поголем глобален проблем.
Според резултатите од студијата, невремињата со град со пречник поголем од три сантиметри до крајот на векот ќе бидат меѓу 38 и 47 отсто почести, во зависност од количината на стакленички гасови што човештвото ќе продолжи да ги испушта.
Коавторот на студијата Џон Ален, професор по метеорологија на Универзитетот во Мичиген, истакнува дека градот ретко директно ги загрозува човечките животи, но предизвикува значителна економска штета.
„Во последните години видовме рекордно големи зрна град. Ова го сметам за исклучително загрижувачко, бидејќи не градиме средина која е отпорна на град. Тоа не го вклучуваме во стандардите за проектирање на куќи, ниту во САД, ниту на меѓународно ниво“, изјави Ален..
Според проценките, градот во САД веќе сега предизвикува штета од околу 10 милијарди долари годишно, додека глобалната штета достигнува околу 80 милијарди долари. Податоците на осигурителните компании покажуваат дека загубите во САД во текот на 2022 година надминале 20 милијарди долари.

Поголеми зрна – поголема штета
Истражувачите предупредуваат дека токму покрупните зрна град ќе предизвикуваат најголема штета, бидејќи имаат поголема маса и паѓаат со значително поголема брзина.
Климатологот Андреас Прајн од Универзитетот во Цирих, кој не учествувал во истражувањето, објаснува дека зрна со пречник од околу пет сантиметри можат сериозно да оштетат возила, кровови, соларни панели и друга инфраструктура.
Ален додава дека едно оштетување на покрив може да се поправи, но повеќекратните удари од крупен град често значат целосна и скапа замена на кровната конструкција.

Како се создава крупниот град
Научниците наведуваат дека климатските промени го засилуваат процесот на формирање град, бидејќи потоплиот воздух може да задржи повеќе влага – околу седум отсто повеќе за секој степен Целзиусов.
Тоа ја зголемува количината на енергија во атмосферата и доведува до посилни нагорни струења во грмежливите облаци, кои им овозможуваат на зрната мраз подолго да останат во облакот и да продолжат да растат.
Градот се создава кога капките вода во кумулонимбусите се издигнуваат во многу студени слоеви на атмосферата и замрзнуваат. Потоа се судираат со преладени капки вода кои се замрзнуваат на нив, при што зрната постепено стануваат сè поголеми.
Парадоксално, во потопла атмосфера нивото на замрзнување се наоѓа на поголема височина, па помалите зрна имаат повеќе време да се стопат пред да стигнат до земјата. Поради тоа ситниот град ќе биде поредок, додека најкрупните зрна ќе успеваат да го преживеат падот.

Сè поголем глобален проблем
Иако силните невремиња со град често се поврзуваат со САД, научниците предупредуваат дека станува збор за глобален проблем.
Студијата предвидува дека најголем пораст на крупен град би можеле да забележат Аргентина, Европа, Канада и северните рамнини на САД. Северна Италија во јули 2023 година беше погодена од рекорден град со пречник од дури 19 сантиметри.
Освен материјалната штета, крупниот град претставува и директна опасност за луѓето. За време на концерт на отворено во американската сојузна држава Колорадо во јуни 2023 година, повеќе од 90 лица беа повредени од зрна град со големина на топче за голф и тениско топче.
Професорот по метеорологија Вокер Ешли од Универзитетот во Илиноис истакнува дека идните загуби нема да зависат само од климатските промени, туку и од начинот на кој луѓето градат и го планираат просторот.
„Климатските промени можат да го зголемат потенцијалот за поголем и поразорен град во некои региони, но идните загуби во голема мера ќе зависат и од тоа каде луѓето градат, што градат и колку тие структури се отпорни“, заклучи Ешли.













