Од раните спортски модели и брзински рекорди до електричната транзиција и новите технологии, „MG“ зад себе има повеќе од еден век развој, кризи и големи пресврти.
Многу возачи денес „MG“ го доживуваат како модерен автомобилски бренд кој силно зачекори во ерата на електрификацијата. Но зад тој современ идентитет се крие повеќе од вековна приказна за спортски дух, инженерска упорност и бренд кој низ децениите знаел да се менува, без да ја изгуби сопствената препознатливост. Историјата на „MG“ затоа не е само хронологија на модели, туку и приказна за тоа како едно име може да преживее големи индустриски промени и да остане релевантно.

Почетоците на брендот се врзуваат за 1924 година, кога е претставен моделот „14/28 Super Sports“, додека дел од автомобилските историчари како клучна ја сметаат и 1925 година со моделот „Old Number One“. Клучна улога во раниот развој имал Сесил Кимбер, генерален директор на „Morris Garages“, кој на стандардните модели „Morris“ им дал поизразен спортски карактер и така ги поставил темелите на идентитетот што подоцна ќе стане заштитен знак на марката.
Преместувањето на производството од Оксфорд во Абингдон во 1929 година означи важен чекор во развојот на брендот, а моделот „M-Type Midget“ дополнително ја прошири неговата популарност меѓу возачите кои сакале спортски автомобил по пристапна цена.

Спортски дух што ја изгради репутацијата
„MG“ ја градел својата репутација не само преку дизајнот, туку и преку спортските амбиции. Во триесеттите години од минатиот век силно влезе во светот на брзинските рекорди и трките, потврдувајќи дека успехот не зависи само од моќта, туку и од агилноста, аеродинамиката и инженерската креативност. Моделот „EX120“, познат како „Magic Midget“, стана првиот автомобил со 750 кубика што ја надмина границата од 100 милји на час, додека „K3 Magnette“ во 1933 година победи во својата класа на „Mille Miglia“ како прв не-италијански модел со таков успех.
Повоените години го претворија „MG“ во глобална автомобилска икона. Моделите од серијата „T-Type“ и „MGA“ дополнително го зацврстија неговиот статус на американскиот пазар, додека култниот „MGB“ roadster стана најпродаваниот „MG“ на сите времиња и го дефинираше поимот британски спортски roadster.

Од турбулентни години до нов подем
Историјата на „MG“ не беше без кризи. Затворањето на производството во Абингдон и подоцнежните турбулентни периоди ја доведоа во прашање иднината на брендот, но „MG“ опстана благодарение на силната заедница на ентузијасти и трајната емоционална вредност меѓу возачите.
Вистинскиот пресврт дојде по згаснувањето на „MG Rover“ групацијата во 2005 година, кога брендот премина под капата на корпорацијата „SAIC“. Со тоа започна ново развојно поглавје, во кое фокусот се префрли од носталгија кон иновативност, глобално производство и раст на пазарот.

Нова ера на електрификација
Во поново време, „MG“ силно се позиционира во електричната транзиција. Една од клучните точки на тој подем е моделот „MG4 EV“, кој ја подигна летвичката во класата на компактни електрични автомобили. „Cyberster“, целосно електричен двосед roadster со ножести врати, дополнително ја нагласува врската меѓу современата технологија и историското наследство.
Денес, „MG“ го гради својот развој преку соработка на инженерски и дизајнерски тимови во Лонгбриџ, Франкфурт и Лондон, со фокус на сопствени технолошки решенија како „SolidCore“ батеријата и „Hybrid+" системот. Стратегијата „во Европа, за Европа“ веќе резултираше со испорака на повеќе од еден милион возила на европскиот пазар, што покажува дека „MG“ повеќе не е само носталгично име од историјата на автомобилите, туку релевантна пазарна сила која своето богато минато го претвори во приказна за иднината.































