Жена од САД се соочува со сериозни обвиненија по купување автомобили кое, според истражителите, повеќе наликува на пополнување на инвентар на авто-салон отколку на приватна гаража.
Осомничената Дуња Сиера (38) е уапсена на 9 април од канцеларијата на шерифот на округот Мајами-Дејд, по истрага за разработена шема на кредитна измама.
Според наводите на властите, таа во периодот од 4 до 12 октомври 2023 година, преку низа трансакции, наводно набавила цела флота автомобили, SUV возила и мотоцикли.

Истражителите тврдат дека Сиера во тие осум дена успеала да остане чекор пред системот за проверка на кредитниот рејтинг, реализирајќи ја секоја купопродажба пред акумулираните долгови воопшто да бидат евидентирани во нејзиното кредитно досие, пренесува „CarScoops“.
За да обезбеди финансирање, таа наводно користела лажна работна позиција. Иако надлежните утврдиле дека всушност работела како келнерка и касиерка во ресторан во Мајами Лејкс, во барањата за кредит наведувала дека е генерална директорка на истиот објект.

Клучниот детаљ – неверојатна плата
Клучен фактор била наведената плата од неверојатни 180.000 долари месечно, односно 2,16 милиони долари годишно. Според извештајот на телевизијата „7 News Miami“, нејзината листа за купување изгледала како каталог од соништата и опфаќала спортски автомобили, семејни теренци, па дури и мотоцикли.

Бирото за организиран криминал на округот Мајами-Дејд смета дека таа не дејствувала сама. Се сомнева дека Сиера била„фиктивен купувач“ во рамки на поширока мрежа која вклучува брокери и финансиски менаџери во авто-салони. Се наведува дека овие инсајдери форсирале одобрување на договори, заобиколувајќи ги стандардните проверки, „фризирајќи“ апликации и додавајќи опции со високи маржи за да ја максимизираат својата заработка пред заемодавачите да ги забележат лажните податоци за приходите.

Сиера сега се соочува со повеќе обвиненија за тешки кривични дела, вклучувајќи организирана измама, тешка кражба и измами поврзани со возила. Во моментов се наоѓа во притвор со кауција од 26.000 долари, додека истрагата и натаму е активна со цел целосно да се разоткрие оваа криминална мрежа.











