Пад на цените на половните автомобили не се очекува ниту оваа година

Макфакс

04/02/2026

23:02

3.539

Големина на фонт

а а а

Поради глобалната пандемија, затворањето на фабриките и кризата со чипови, во периодот меѓу 2020 и 2023 година ширум светот беа произведени помалку автомобили.

Според прогнозите на експертите, во текот на оваа година цените на половните автомобили нема да се намалат, што е последица не само на променливите законски регулативи, туку и на глобалните настани.

Пазарните аналитичари предвидуваат дека возачите оваа година посилно ќе ги почувствуваат ефектите од кризата со чипови, како и намалената понуда на речиси нови автомобили, објави „Carvertical“.

Построгите прописи за загадување, исто така, ќе влијаат врз дел од сопствениците на возила низ Европа, вклучувајќи ја и Македонија.


Како што е наведено, поради глобалната пандемија, затворањето на фабриките и кризата со чипови, меѓу 2020 и 2023 година во светски рамки биле произведени значително помалку автомобили.

Секундарниот пазар сè повеќе го чувствува недостигот од возила стари неколку години, што ги одржува цените на половните автомобили релативно високи.

Понудата на половни електрични возила на секундарниот пазар расте секоја година, а овој процес ќе се забрза и во текот на оваа година, се наведува во соопштението.

Бумот на електрификацијата, кој започна на почетокот на 2020 година, наскоро ќе го преобликува пазарот на половни автомобили.


Многу електрични возила стари неколку години ќе стигнат до крајот на своите лизинг-периоди и ќе се појават на огласните платформи.

Поради обилната понуда, се очекува цените на половните електрични автомобили да паднат.

На пристапноста влијае и сè поголемиот број електрични возила од кинеско производство.

Сепак, сè уште е прерано да се суди за нивната побарувачка, бидејќи кинеските модели ја губат вредноста побрзо од оние на познатите европски производители.


Колку побрзо кинеските електрични автомобили ја губат вредноста, толку е поголема веројатноста купувачите да се одлучат за други брендови.

Европските градови продолжуваат да воведуваат построги ограничувања за постарите автомобили кои повеќе загадуваат.

Почнувајќи од 1 јануари оваа година, земјите на ЕУ ќе им забранат влез во зоните со ниска емисија на дизел автомобилите што не го исполнуваат стандардот Euro 5 и на бензинските автомобили што не го исполнуваат стандардот Euro 2.

Од 1 март ќе се изрекуваат парични казни за прекршување на овие правила.


ЕУ, исто така, наскоро ќе ги промени своите стандарди за емисии.

Првата фаза од регулативата стапува на сила на 29 ноември оваа година, кога за новопроизведените автомобили ќе биде потребна сертификација што потврдува усогласеност со стандардот Euro 7.

Од ноември 2027 година, стандардот Euro 7 ќе се применува на сите новорегистрирани автомобили во ЕУ.