Во Торонто е отворен Музеј на лоши подароци, каде се изложени подароци што не ѝ се допаднале на личноста што ги добила. Музејот ги повика граѓаните да донираат подароци кои едноставно не им одговараат, за кои не е вложено многу внимание при изборот, или кои се сметаат за „навистина ужасен подарок“, пренесува „Смитсонијан“.
Според музејот, подароците „подарени поради обврска, по погрешна проценка или чиста апатија“ можат да најдат нов дом и да добијат шанса да блеснат, наместо да завршат закопани во длабочините на плакарот на примачот.
Иако повикот за поднесување на предмети беше објавен пред изложбата, ко-кураторката на музејот, Шари Касман, изјавила дека сите кои сакаат да придонесат сè уште можат да ги донесат своите „промашени подароци“ додека изложбата е отворена.
„Се фокусираме на сè што некој лично го смета за лош подарок и генерално не одбиваме пријави, освен ако предметот очигледно не излегува од духот на изложбата. Секогаш велиме дека лошиот подарок на една личност може да биде богатство за друга. Затоа секој подарок во музејот е изложен со кратко објаснување зошто примачот го смета за лош“, рекла Касман.
Од предметите што се изложени, Касман признала дека е „тешко да се избере“ кој е најлош од најлошите, но ја состакнала античката кукла со ротирачка порцеланска глава што има три различни изрази на лицето, „од морничави до застрашувачки“.
Друг предмет е „ѕвер од школки“ — тешка скулптура направена од десетици остри школки кои формираат „големо, дамчесто суштество“ што потсетува на полжав, а третиот најлош подарок е мало бакарно тавче, каде приказната зад подарокот е полоша од самиот подарок, бидејќи купувачот верувал дека е обична големина, а преку интернет нарачка добил тавче со дијаметар од само неколку сантиметри.
Подароците изложени во музејот се или позајмени или донирани, а донираните предмети подоцна ќе бидат на аукција, при што приходот ќе биде дониран на банка за храна „Дневен леб“.
Изложбата ќе биде отворена до 4 јануари.














