Група перуански шамани се собрале во понеделникот покрај морето во квартот Мирафлорес во главниот град на Перу, Лима, каде одржале традиционален годишен ритуал во кој изнесуваат предвидувања за претстојната година.
Станува збор за обичај што се повторува секоја година и редовно го привлекува внимание на светската јавност поради своите политички и глобални пораки.
Облечени во традиционални андски понча и покривала за глава, шаманите во текот на ритуалот зборувале за меѓународните односи, актуелните конфликти и судбината на поединечни светски лидери. Годинава особено се осврнале на Венецуела, тврдејќи дека претседателот Николас Мадуро ќе биде отстранет од власт.

„Побаравме Мадуро да си замине, да се повлече, претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, да успее да го отстрани и видовме дека тоа ќе се случи следната година“, изјавила шаманката Ана Марија Симеон за време на ритуалот.
Освен за Венецуела, шаманите порачале дека глобалните конфликти ќе продолжат, вклучувајќи ја и војната во Украина, која, според нивните визии, нема брзо да заврши. За време на церемонијата се молеле и за мир на Блискиот Исток, како и за крај на војната меѓу Русија и Украина.

Иако нивните предвидувања често предизвикуваат интерес во медиумите, шаманите не секогаш имаат добар „скор“. Минатата година предупредиле на избувнување нуклеарна војна меѓу Израел и Газа, што засега не се случи, а во моментов таму е на сила примирје. Од друга страна, кон крајот на 2023 година точно предвиделе дека поранешниот перуански претседател Алберто Фухимори, кој бил во затвор поради кршење на човековите права, ќе почине во рок од една година. Фухимори починал од рак во септември 2024 година, на 86-годишна возраст.

Во пресрет на самиот ритуал, шаманите се собрале за да консумираат халуциногени напитоци подготвени од автохтони растенија, вклучувајќи ајахуаска и кактус Сан Педро, за кои веруваат дека им помагаат во „гледањето на иднината“.

За време на ритуалот на плажата Ла Херадура поставиле ќебиња покриени со жолто цвеќе, лисја од кока, мечеви и други симболични предмети, молејќи се за позитивна енергија во новата година. По танцувањето во круг и свирењето на традиционални инструменти, упатиле молитви до боговите за светските лидери да носат исправни одлуки.

Покрај политичките случувања, шаманите предупредиле и на можноста за природни катастрофи во претстојната година, вклучувајќи земјотреси и екстремни климатски појави. Дали нивните предвидувања ќе се остварат, како и секоја година, времето ќе покаже.















