[ВИДЕО] Американка посетила продавница на „H&M“ во Европа и останала во чудо од она што го видела

Точка

27/12/2025

17:37

843

Големина на фонт

а а а

Снимка што прикажува древни камени урнатини среде продавница на „H&M“ на грчкиот остров Родос станала вирален хит на ТикТок.

Видеото го објавила Американка со корисничко име „@laizafii“, која неодамна се преселила во Грција, а нејзината објава собрала повеќе од 34 милиони прегледи.

На снимката, која е објавена на 20 декември, се гледа внатрешноста на продавницата каде што, веднаш до полиците со облека, се изложени и оградени две огромни камени структури. „Никој: H&M во Грција, затоа што не можеш да го отстраниш древниот камен“, стои во описот на видеото. Американката во дополнителен коментар изразила восхит од зачуваната историја на островот: „Има тоооолку многу различни древни градби и камења што сè уште стојат од ерата пред Христа!“.

Се огласиле од „H&M“

Откако видеото привлече огромно внимание, се огласиле и од „H&M“. Портпаролка на компанијата објаснила дека оваа сцена всушност ја одразува реалноста на работењето во Грција, каде што минатото и сегашноста постојано се испреплетуваат.


„Во Грција историјата многу често е дел од секојдневниот живот, буквално вградена во темелите на модерните градови и згради. Зградата на Родос во која се наоѓа нашата H&M продавница е пример за тоа“, изјавила портпаролката.

Таа додала дека компанијата одлучила да ги интегрира историските остатоци во дизајнот на продавницата, наместо да се обиде да ги скрие. „Во H&M сакаме секоја продавница беспрекорно да се стопи со локалната култура и да ја одразува. Присуството на древните урнатини беше клучен параметар на проектот уште од самиот почеток и тоа природно влијаеше на нашиот пристап кон дизајнот, ставајќи ја историјата на зградата во центарот на концептот“, појаснила таа.

Според нејзините зборови, распоредот на продавницата намерно бил осмислен околу урнатините за да се обезбеди тие „да останат заштитени, видливи и почитувани“. Таа нагласила дека во текот на целиот процес тесно соработувале со грчкото Министерство за култура и ги следеле сите насоки за зачувување на локалитетот.

„Резултатот е простор каде што современата употреба и древната историја коегзистираат; одраз на секојдневниот живот во Грција и важноста што ѝ се придава на културното наследство“, заклучила таа.


Реакции на ТикТок

Многу корисници на ТикТок реагирале со воодушевување. „Како вљубеник во историјата, искрено ми се допаѓа ова, имате древни камења што само така стојат во H&M, тоа е толку кул“, напишал еден корисник.

Друг го опишал искуството како „шопинг и разгледување, како 2 во 1“. Некои ја искористиле можноста за споредба со односот кон историјата во други земји. „Замислете Америка толку да се грижеше за својата древна историја“, пишува во еден коментар.

Пристапот кон зачувување на наследството доби бројни пофалби. „Всушност сум голем обожавател на тоа што компаниите и градежништвото мораат да работат околу историските локации, наместо само да рушат со булдожери и да ги нарушуваат историските траги“, напишала една корисничка. Сепак, имаше и поинакви мислења. „Ја мразам идејата продавници да се градат врз древни работи. Толку капиталистички дистописки“, заклучил еден корисник.