Павлина Судрих, која живее во Вајтхорс во Јукон, канадска територија што се граничи со Алјаска, покажала како изгледа секојдневниот живот кога температурите ќе се спуштат до екстремни минус 40 степени Целзиусови. Во видеото кое привлече големо внимание, таа открила како се облекува за да се заштити во такви временски услови.
Нејзината снимка јасно покажува колку е важно слоевитото облекување за зачувување на телесната топлина на исклучително ниски температури.
„Како што можете да замислите, облекувањето на ваков студ е пресудно. Носам волнени хеланки и панталони полнети со пердуви. Потоа облекувам синтетички основен слој и Ulvang џемпер од чиста волна од Норвешка. Ќе забележите дека го носам околу 300 дена во годината“, објаснила Павлина во видеото.
Таа додала дека носи и пар тенки волнени чорапи, како и традиционални меки чизми кои најчесто се изработени од животинска кожа. Својата комбинација ја надополнила со специјални модни додатоци.
„Имам и ракавици од даброво крзно, а бидејќи денес е особено студено, носам јакна од фока што ја купив на Гренланд, каде што учествував на скијачко натпреварување“, рекла Павлина. На крај додала уште два шалови од мерино волна и капа со крзно.
Посебна заштита за бебето
Освен за себе, Павлина покажала и како го облекува своет бебе за излегување на екстремниот студ. Објаснила и дека и тука се потпира на волнени слоеви: боди, џемпер, панталони и зимски комбинезон. Количката дополнително е заштитена со волнено ќебе, вреќа за спиење и посебен покривач кој ја задржува топлината.
Живот на Јукон
Јукон, територија на северозападот на Канада што се граничи со Алјаска, е позната по суровите зими, но и по единствениот начин на живот приспособен на екстремните услови. Температури од минус 40 степени не се реткост, а во текот на зимата деновите често се скратуваат на само неколку часа дневна светлина.
И покрај тоа, жителите на Вајтхорс и другите помали места се навикнати на таквото секојдневие. Градовите функционираат нормално и покрај снегот, училиштата и продавниците работат, а животот продолжува понатаму со јасни правила, добра опрема, подготовка и почит кон природата. Јукон воедно е познат и по недопрената дивина, северната светлина позната како аурора бореалис и силното чувство на заедништво меѓу луѓето.











