Пејачка, тенисерка и актерка ќе бидат водителки на Мет Гала 2026

Точка

10/12/2025

19:45

494

Големина на фонт

а а а

Новите водителки на Мет Гала ќе бидат Бијонсе, Венус Вилијамс и Никол Кидман, а трите ќе ѝ се придружат на Ана Винтур, главната уредничка на меѓународното издание на модното списание „Вог“, во мај 2026 година.

За американската тенисерка Венус Вилијамс, ова е прво учество во оваа улога, седум години откако нејзината помлада сестра, исто така тенисерка, Серена, беше една од водителките на Мет Гала.

Бијонсе била почесна претседателка во 2013 година, додека Кидман ја имала таа улога во 2003 и 2005 година, пренесе „NBC News“.


Винтур, долгогодишната уредничка на „Вог“, ќе биде главна на настанот, кој минатата година донесе рекордни 31 милион долари за Костимографскиот институт при Метрополитен музејот во Њујорк.

Музејот денес го објави и составот на Комитетот на домаќини, со кој ќе претседаваат дизајнерот Ентони Вакарело и актерката Зои Кравиц.


Во комитетот, меѓу другите, се вклучени музичарите Сабрина Карпентер, Доџа Кат, ЛИСА, Сем Смит и Језиулт, балерината Мисти Копланд, актерките Тејана Тејлор, Елизабет Дебики, Гвендолин Кристи и Лена Данам, кошаркарката Ежа Вилсон, моделите Алекс Консани, Палома Елесер и Лорен Васер, уредничката на американскиот Вог, Клои Мал и уметницата Ана Вејант.

Дрес-кодот за гала вечерата закажана за 4 мај сè уште не е објавен, но ќе биде во согласност со темата „Уметност на костимот“ (Costume Art), придружната изложба најавена за следната пролет.


Изложбата ќе го прикаже „облеченото тело“ во уметноста низ вековите, комбинирајќи модни парчиња со предмети од различни музејски колекции за да се покаже преплетувањето на модата и другите уметнички форми.

Директорот на музејот, Макс Холејн, рече дека изложбата ќе „живее на фасцинантни начини“ и ќе користи дела од одделенијата за сликарство, скулптура и цртање.


Изложбата, под раководство на кураторот Ендру Болтон, ќе биде тематски организирана според различни типови на тело, вклучувајќи „голо тело“, „класично тело“, но и посовремени теми како што се „бремено тело“ и „стареечко тело“.

Вилијамс, во меѓувреме, ги отфрли шпекулациите за нејзиното враќање на теренот.

Изложбата „Уметност на костимот“ ќе биде отворена за јавноста на 10 мај 2026 година и ќе трае до 10 јануари 2027 година.