Еден од најуспешните актери денес, Идрис Елба, моментално го промовира својот нов краткометражен филм „Прашина до соништата“ (Dust to Dreams). За време на премиерата во Саудиска Арабија, актерот откри дека планира постепено да се повлече од глумата и да се фокусира на режисерската кариера, пренесува „Дејли мејл“.
53-годишниот актер, кој зад себе има 130 актерски улоги, признал дека веќе долго време се занимава со актерство. Иако сѐ уште ужива во таа работа, режијата му нуди нова перспектива и креативен дел. „Се надевам дека мојата актерска екипа и фанови не се лути на мене“, рекол Елба.
А подоцна и појаснил: На крајот сакам целосно да се посветам на режија. Глумам долго време и сè уште уживам во тоа, но режијата ми овозможува да ги покажам другите аспекти од својата креативност и да бидам дел од сетот на поинаков начин“, признал Елба.
Исто така, тој признал дека се чувствува „како измамник“ кога се среќава со политичари, па размислува да се врати на учење за да го зголеми своето знаење во оваа сфера.
„Често се чувствувам како да живеам од инстинкт, а не од знаење. Можеби ќе одам на училиште и ќе студирам хуманистички науки за да можам подобро да се снајдам во филантропските и активистичките проекти со кои се занимавам“, додаде 53-годишниот актер.
Идни проекти и гласини за Бонд
Елба на публиката открил и дел од својот следен долгометражен режисерски проект, филмот „This Is How It Goes“, чие снимање во Гана завршило минатата недела. Филмот е базиран на драмата на Нил Лабут од 2005 година, но со адаптацијата на Елба.
„Оригиналната приказна зборува за црнец кој е оженет со бела жена, а потоа белец се вселува во нивниот дом и приказната се врти околу тоа што се случува со нивната врска“, објаснил тој. „Јас ги купив правата за филмот и ја свртев приказната. Значи, станува збор за белец оженет со црнкиња, а црнец доаѓа да живее во нивниот дом. Тоа е неверојатна анализа на бракот, довербата и расата.“
За време на разговорот, актерот уште еднаш ги демантирал долготрајните гласини дека токму тој ќе стане следниот Џејмс Бонд. Сепак, обожавателите сѐ уште ќе можат да го гледаат на екраните. Потврдил и дека се враќа во улогата на детективот Џон Лутер во нов филм, продолжение на хитот „Luther: The Fallen Sun“ од 2023 година. Снимањето се очекува да започне во февруари.













