Миленичката на Путин се најде среде скандал: Сите ѝ го вртат грбот

Точка

08/12/2025

18:00

681

Големина на фонт

а а а

Руската музичка икона Лариса Долина, која со години се слави како „народна уметница на Русија“ и една од омилените пејачки на Владимир Путин, се нашла во центарот на огромен скандал кој поттикнал бран гнев меѓу граѓаните и сериозно го потресол рускиот пазар на недвижности.

Долина во вторник наутро, скриена зад хируршка маска и непрепознатлива без нејзината вообичаена фризура и шминка, се пробила низ толпата обезбедување во московскиот суд, без да застане пред новинарите. Нејзиниот тим тврди дека причина за таквото појавување се заканите со смрт. „Непознати лица се заканија дека ќе го дигнат автомобилот во воздух доколку не се запре кривичната постапка“, изјавил нејзиниот претставник.


Во судницата пејачката требало да сведочи против четворица осомничени измамници кои таа ги обвинува дека ѝ украле 175 милиони рубљи (1.785.000 евра), со наводни врски со Украина.

Путинова пофалба и долгогодишно пријателство

Путин и Долина ги поврзува долгогодишна блискост, а претседателот јавно ѝ оддал признание во септември по повод нејзиниот 70-ти роденден.

„Вашиот сјаен талент и исклучителен уметнички дух ве направија извонредна пејачка“, напишал тој. Нивните заеднички настапи, вклучувајќи го и оној по повод годишнината од анексијата на Крим, останаа запаметени како демонстрација на нивната поврзаност.


И покрај меѓународните санкции, односно фактот дека Европската унија, Канада, Швајцарија и Монако ја вклучија на списокот лица кои ја поддржале руската агресија врз Украина, Долина со години остануваше недопирлива во Русија – политички привилегирана и финансиски моќна.

Но сега ситуацијата се менува – и тоа драматично.

Интернетот се свртел против неа

Бран на огорченост се шири на ТикТок, Инстаграм и дури на руските Редит-форуми, каде илјадници граѓани бараат „откажување“ на пејачката.

„Секогаш беше надмена и без причина непристојна“, напишал еден корисник. „Се врати во станот што го продаде и пее од среќа! Без срам, без образ!“, додал друг.


Дури и Бургер Кинг наводно се приклучил на бојкотот – престанале да ѝ доставуваат храна на домашна адреса.

Во центарот на овој гнев се наоѓа нејзиниот луксузен стан вреден 112 милиони рубљи, клучен дел од целата афера.

Како започнало сè? Милиони предадени на „агенти“ во вреќи

Долина тврди дека измамниците ѝ се претставиле како припадници на безбедносните служби и ѝ понудиле заштита од криминалци кои наводно ја целеле нејзината заштеда. Таа, според сопственото сведочење, им поверувала и им ја предала речиси целата сума пари, во готово. Меѓутоа меѓу тие средства биле и милионите кои ѝ биле исплатени за станот што штотуку го продала на жена по име Полина Лури.

Кога сфатила дека е измамена, побарала од судот да ѝ го врати станот, иако продажбата била уредно завршена, а купувачот сè коректно платил. Судот, неочекувано, пресудил во нејзина корист. Лури останала и без станот и без парите.


Гнев поради неправдата и опасен правен преседан

Руската јавност е гневна поради две причини. Прво, моќната уметница ја „прегазила“ обичната жена. Имено, Долина, богата и добро поврзана, го искористила својот статус за да добие предност над Лури, самохрана мајка во триесеттите години.

Второ, одлуката на судот ја отворила Пандорината кутија. Пресудата, тврдат правниците, открила огромен проблем во руското законодавство за недвижности. Се појавил страв од враќање на озлогласениот „Шематски модел на Бабукша“, во кој продажбите на недвижнини се прогласуваат за неважечки ретроактивно, обично со тврдење дека продавачот не разбрал што прави.


Одбраната на Долина се базирала токму на тоа – тврдела дека го продала станот „под цена“ и дека не била при здрава свест кога ги потпишувала документите. Пазарот на недвижности веднаш ги почувствувал последиците: цените на половните станови во Москва паднале за околу 6% од 2023 година, а дури и Државната дума се огласила, барајќи итна реформа на законите за да не се повторуваат слични случаи.

Случајот сега стигнал до Врховниот суд, кој треба да одлучи дали одлуката ќе остане во сила или ќе биде поништена за да се спречи опасен преседан.

Кога колегите јавно ќе проговорат

Дури и другите руски ѕвезди сега ја критикуваат Долина. Пејачката Слава, фрустрирана од можните последици врз нејзиниот сопствен бизнис, напишала: „Поради една од моите „омилени“ пејачки, Лариса Александровна Долина, не можам да продам ниту еден стан. Ако купувачите дознаат дека сум уметница, ќе мислат дека ќе ги измамам. Ти благодарам за тоа.“

Она што започнало како необична приказна за измама се претворило во еден од најконтроверзните случаи на годината, со политички, општествени и економски последици што се шират далеку надвор од светот на една поп-икона. Руската јавност, првпат по децении, изгледа дека е подготвена гласно да ја прозове својата моќна ѕвезда и покрај нејзината блискост до самиот врв на државата.