Мехран Карими Насери поминал 18 години живеејќи на аеродром, приказна што подоцна го инспирираше холивудскиот филм „The Terminal“ на Стивен Спилберг, со Том Хенкс во главната улога.
Од 1988 до 2006 година, иранскиот бегалец живеел во Терминал 1 на „Charles de Gaulle Airport“ во Париз. Негов дом бил една црвена пластична клупа, откако ги изгубил своите патни документи и се нашол во правна „ничија земја“ – без можност да влезе во Франција, но и без можност да отпатува во друга држава.
Неговата необична судбина го привлекла вниманието и на филмската индустрија. Компанијата „DreamWorks Pictures“ наводно му исплатила околу 250.000 долари за правата за неговата приказна, иако холивудската верзија ја смести приказната на аеродромот „John F. Kennedy International Airport“ во Њујорк.
За оние што патувале низ парискиот аеродром во текот на тие две децении, Насери бил добро познато лице. Иако живеел на аеродром, тој не бил скитник во класична смисла – просторот околу него секогаш бил уреден, а деновите ги минувал читајќи, изучувајќи економија и пишувајќи во својот дневник. Подоцна, неговите записи беа објавени и како автобиографија.

Со текот на времето, станал омилен меѓу аеродромскиот персонал, кој често му обезбедувал храна, книги и медицинска помош. Иако во 1999 година добил статус на бегалец, Насери одбил да ги потпише потребните документи, па останал да живее на терминалот уште неколку години.
По хоспитализацијата во 2006 година се преселил во засолниште во Париз. Но, во последните недели од својот живот повторно се вратил на аеродромот, каде што и починал во 2022 година, на Терминал 2F на „Charles de Gaulle Airport“.



Фотографии од филмот „The Terminal“












