Новото „Porsche Cayenne Electric“ се полни безжично, исто како мобилен телефон

Точка

03/12/2025

08:16

341

Големина на фонт

а а а

На списокот на дополнителна опрема за спортскиот SUV модел се наоѓа и индуктивно полнење. Доволно е возилото да се паркира над плоча поставена на подот во гаражата или на паркинг-местото.

Паркирајте го возилото и наполнете го – безжично. Она на што веќе сме навикнати кај паметните телефони и другите уреди, сега функционира и кај автомобилите. Прв ја реализираше таа идеја „Porsche“, поедноставувајќи го полнењето на електричните автомобили до максимум. Неговиот систем премиерно беше претставен на моделот „Cayenne“. Новиот „Cayenne Electric“, кој наскоро ќе му биде понуден на пазарот заедно со своите „браќа“ со мотори со внатрешно согорување и хибридните верзии од оваа SUV серија, како опција нуди „безжично полнење“. Со ваква опрема „Porsche Cayenne“ нема потреба од кабли, домашни или јавни полначи. Доволно е автомобилот да се паркира во гаража и полнењето автоматски започнува.

Како функционира тоа? Системот се состои од два елементи: подна плоча за гаража или паркинг-место и приемна единица сместена зад предната оска на „Cayenne“.


„Porsche во моментов е единствениот производител на автомобили во светот што нуди безжично полнење, со иновативен 11 kW систем во еден пакет“ — изјавува Кристијан Холер, раководител на системите за полнење во „Porsche“. Овој вид на пренос на енергија одамна е дел од секојдневието – со индукциски плочи, паметни телефони и електрични четки за заби.

Подната плоча се поставува централно пред предната оска на паркираниот автомобил. Кутијата висока шест сантиметри, широка 78 и долга 117 сантиметри се поврзува со електричната мрежа. Пред првата размена на енергија, возилото и плочата разменуваат податоци, вклучително и лозинка за иницијализација. Ова се прави само еднаш — заштита од злоупотреба. Плочата содржи интегриран Wi-Fi модул, преку кој возилото воспоставува контакт секој пат кога ќе се приближи. Возачот на екранот гледа зелен круг (системот за полнење) и точка (возилото). Кога точката е во кругот — автомобилот е правилно позициониран.


Основниот принцип е едноставен: „индуктивно спојување“. Додека постојните системи за индуктивно полнење како оние за паметни телефони работат на ниски нивоа на моќност, инженерите на „Porsche“ се соочиле со предизвик — едноставно зголемување на моќноста не било доволно за безжичното полнење да биде ефикасно, безбедно и економично.

Кај системот на „Porsche“, AC-напонот од електричната мрежа најпрво се претвора во DC во подната плоча. Причината: наместо стандардната фреквенција од 60 Hz во САД или 50 Hz во Европа, системот работи со AC-напон од 85 kHz — односно 85.000 Hz — што бара меѓучекор со DC-напон. Потоа се претвора во AC-напон од 85 kHz и 2000 V во осцилаторно коло. Кога возачот ја активира паркинг-сопирачката, полнењето започнува.


Системот безжично пренесува до 11 киловати. И покрај растојанието од 12 до 18 сантиметри меѓу плочата и приемната единица, ефикасноста надминува 90 проценти. Приемната единица е интегрирана во подвозјето и не е видлива. Моќноста и времето на полнење се слични на оние со "wallbox" полначи.

Од „Porsche“ нагласуваат дека се преземени бројни мерки на претпазливост. Приемната плоча има заштита која спречува ширење на магнетното поле нагоре и ги штити компонентите во возилото. Системот за откривање туѓи предмети детектира метални објекти — на пример ако возачот испушти клучеви. Системот за откривање живи суштества користи детектори за движење за заштита на домашни миленици или луѓе кои би се нашле под возилото. И двата системи, при активирање, веднаш го прекинуваат полнењето.