Новиот „Mercedes VLE“ е еден од моделите на германскиот производител приспособени за семејства со деца, но на годинашниот Саем на автомобили во Париз една средба со електричното комби тргна наопаку.
Две момчиња успеале да го стартуваат изложениот примерок и да го стават во рикверц, по што комбито се забило во ѕидот на изложбениот простор.
Кратката снимка од инцидентот, која се прошири на социјалните мрежи, прикажува стручно лице од компанијата „Mercedes“, задолжено за претставување на возилото, како безуспешно се обидува да го спречи ударот. За среќа, овојпат не станува збор за скапоцен „Bugatti Chiron“, туку за новиот електричен „Mercedes VLE“.
Инцидентот се случил во саботата, претпоследниот ден од саемот, во изложбениот центар „Paris Expo Porte de Versailles“. Возилото било паркирано пред сценографија со натпис „Redefinir L’Espace“, што од француски би можело да се преведе како „повторно да се дефинира просторот“. Момчето што го придвижило комбито навистина, на прилично несекојдневен начин, го променило просторот што го заземал „VLE“ на штандот на „Mercedes“.
🚨🇫🇷🚗 Un enfant a CRASHÉ LE NOUVEAU MERCEDES VLE CONTRE UN MUR au Salon de l’auto. 😭 https://t.co/9BC1S4j9Qo
— Impact (@ImpactMediaFR) October 17, 2026
Откако бронзениот „VLE“ удрил во ѕидната сценографија, на неа останало видливо оштетување. Вработениот во „Mercedes“ очајно ги кренал рацете, додека двете момчиња, кои изгледале како да немаат повеќе од 12 години, засрамено излегле од возилото. Набргу им пришол припадник на обезбедувањето.
Не е познато што подоцна се случило со момчињата, ниту колкава штета евентуално била причинета на самиот автомобил.
Основната верзија „Mercedes VLE 300“, чија цена почнува од 79.000 евра, ја придвижува еден електромотор со моќност од 272 КС. Според циклусот „WLTP“, овој модел може да помине до 700 километри со едно полнење на батеријата со капацитет од 115 киловат-часови. Помоќниот „VLE 400 4Matic“ има два електромотора, погон на сите четири тркала и вкупно 409 КС. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 6,5 секунди, додека на основната верзија за истото ѝ се потребни 9,5 секунди.










