Британци купиле „Yugo“ за 650 евра и го обновиле: Објавиле фотографии и снимки

Точка

23/10/2026

10:35

1.010

Големина на фонт

а а а

Легендарниот „Yugo 55“ завршил во рацете на екипата на популарната британска емисија „Wheeler Dealers“.

Автомобилот, произведен во 1989 година, го купиле во Србија за 650 евра, а потоа темелно го обновиле. Фотографии пред и по реставрацијата објави „Discovery Channel UK“, со интересна порака за четиритркалецот што на Запад своевремено бил предмет на потсмев.

На многумина им бил првиот автомобил

„Yugo“ не треба посебно да им се претставува на генерациите возачи од просторот на поранешна Југославија. На многумина им бил првиот автомобил, со него оделе на работа, патувале на море … Меѓутоа, надвор од нашите простори стекнал сосема поинаква репутација.

Токму тој контраст го привлекол вниманието на британската екипа.

Водителот Мајк Бруер и механичарот Марк „Елвис“ Пристли допатувале во Србија, каде што пронашле црвен „Yugo 55“ од 1989 година. За него издвоиле 650 евра, а според наводите од емисијата, станува збор за „најевтиниот автомобил што досега го купиле“.

Уште при преземањето на возилото било јасно дека ги чека многу работа. Пристли, кој своевремено работел во Формула 1, не бил особено воодушевен од изборот на автомобилот.

Внимателно обновен класик

Бруер, сепак, сакал да докаже дека правилно обновен „Yugo“ може да биде значително подобар автомобил отколку што навестува неговата репутација. Како своевидно мерило го поставил „Volkswagen Golf“ од истиот период.

Британското дуо не се задржало само на козметичко дотерување. Ги обновиле сопирачките, го средиле управувачкиот механизам, а потоа вградиле обновен карбуратор. Посебно внимание ѝ посветиле на звучната изолација на кабината.

Автомобилот добил и алуминиумски фелни, додека каросеријата била освежена со нов слој црвена боја, пренесува „Index“.

Резултатот е видлив на фотографиите што „Discovery Channel UK“ ги објави на својата страница на „Facebook“. Некогаш избледениот „Yugo“, со обични челични тркала и видливи траги од долгогодишната употреба, сега изгледа како внимателно обновен класик.

Со фотографиите е објавена и порака: „’Yugo‘ е еден од најисмејуваните автомобили на сите времиња, но не и во земјата од која потекнува“. Објавата ја придружиле со знамето на Србија и симбол на срце.

Овозможил достапна мобилност

Британската екипа престојувала во Србија во јуни, кога кај Авалската кула било организирано дружење со љубителите на емисијата. Бруер се појавил на собирот, додека Пристли продолжил да работи на обновата на автомобилот.

Епизодата со наслов „Serbia: Yugo 55“, четврта во третата сезона на серијалот „Wheeler Dealers World Tour“, премиерно била прикажана во Велика Британија на 14 октомври годинава. На каналот „Discovery“ во Србија нејзиното емитување е најавено за 11 ноември во 21 часот.

На просторот на поранешна Југославија, „Yugo“ не бил симбол на автомобилски престиж, но на многу семејства им овозможил достапна мобилност. Затоа и денес многумина се сеќаваат на него со носталгија, без оглед на неговите недостатоци.

Се произведувал во крагуевската „Zastava“ од 1980 до 2008 година, а во текот на речиси три децении станал еден од најпрепознатливите автомобили на југословенската индустрија. За 28 години биле произведени вкупно 794.428 примероци. Во Америка биле продадени вкупно 141.000 примероци.