Оштетениот „Bugatti“ го привлече вниманието на познат јутјубер, кој веќе нуди пари за него.
Еден од само 500 произведени примероци на моделот „Bugatti Chiron“ е оштетен во сообраќајна несреќа во Мајами. Снимките од социјалните мрежи го покажуваат автомобилот покрај патот, со сериозни оштетувања што би можеле да значат многу скапа поправка.
Сопственикот на црниот „Bugatti Chiron“ сигурно не очекувал дека неговиот хиперавтомобил ќе заврши на работ од тротоарот по возење на влажен коловоз.
Околностите на несреќата не се познати, но снимката објавена на социјалните мрежи прикажува автомобил запрен веднаш до големо дрво.
Според достапните кадри, возачот веројатно изгубил контрола на лизгавиот пат, по што автомобилот се завртел или се пролизгал. На предниот дел од каросеријата има видливи оштетувања, вклучувајќи пукнатини на долниот дел од браникот и на предниот спојлер.
Сепак, се чини дека поголемиот проблем би можел да биде на задниот дел. Задното десно тркало е поместено од вообичаената положба, што укажува на можни сериозни оштетувања на суспензијата, пишува „Carscoops“.
Можно е да настрадал и долниот дел од возилото, а оштетено е и едно од предните тркала.
Поправката би можела да чини вистинско богатство
Кај автомобил како „Chiron“, дури ни навидум мала несреќа не мора да значи евтина поправка.
„Bugatti“ произведе само 500 примероци од овој модел, а поправките бараат специјализирано знаење и соодветни делови.
Искуството на јутјуберот Мет Армстронг, кој во текот на претходната година обновуваше хаварисан „Bugatti Chiron Pur Sport“ во САД, покажа колку може да биде сложена таквата работа.
Според неговите наводи, производителот не сака сопствениците самостојно да ги поправаат автомобилите, па набавката на делови може да претставува дополнителен проблем.
Најсигурното решение за сопственикот би било да го пријави случајот кај осигурителната компанија, доколку има соодветно осигурување, и поправката да ја препушти на овластен сервис на „Bugatti“, наведува Армстронг.
Тој, меѓутоа, во коментар под објавата на „Instagram“ навести дека би бил подготвен и да го купи оштетениот автомобил.













