Огромен пожар целосно го зафати ресторанот во Монтего Беј чиј сопственик е легендарниот Јусеин Болт.
За среќа, во огнената стихија што избила во ноќта меѓу петок и сабота никој не е повреден, но материјалната штета е огромна. Според локалните медиуми, пожарот избувнал околу 1:45 по полноќ, кога кујнскиот персонал забележал пламен.
До пристигнувањето на пожарникарите, огнот веќе се проширил и го зафатил кровот на еден од најпрепознатливите ресторани во регионот. За само 45 минути пламените јазици се прошириле и до горниот кат од објектот. Пожарникарите реагирале брзо и успеале да го стават пожарот под контрола за неколку минути, но горниот кат бил речиси целосно уништен – кујната, барот, тоалетите и канцелариите претрпеле најголема штета
Иако официјалната процена сè уште не е изработена, истражителите велат дека штетата е огромна, а првичните процени изнесуваат околу еден милион евра.
Причината за пожарот – сè уште непозната
Причината не е утврдена, но постои сомнеж дека проблемот потекнува од електричните инсталации. Ресторанот работел на агрегат, бидејќи ураганот Мелиса го оштетил главниот електричен довод. Некои веруваат дека пожарот избувнал во моментот кога струјата повторно била воспоставена – но истражителите засега не го потврдуваат тоа.

Ресторан кој беше симбол и за туристите, и за локалното население
Ресторанот, со спортска тематика, Болт го отвори во 2018 година – една година по неговото пензионирање од атлетиката. Брзо стана омилено место меѓу локалните жители и туристите од целиот свет.
Вистинско чудо е што никој не е повреден со оглед на интензитетот на пожарот. Последниве недели ресторанот делеше бесплатни оброци за жителите на Јамајка погодени од разорниот ураган.

Освен тоа, Болт активно учествуваше во хуманитарна помош – ја посети својата поранешна училишна заедница и дистрибуираше пакети помош на оние кои најмногу пострадаа.
Ресторанот можеби е уништен, но неговите добротворни дела – не.











