Руни го советува Слот: Мора да донесе важна одлука…

Дерби

24/11/2025

13:30

165

Големина на фонт

а а а

Ливерпул е далеку од тимот кој минатата сезона на доминантен начин ја освои титулата во Премиер лигата, тим кој пред почетокот на тековнава кампања и првите пет кола многумина го гледаа и како прв фаворит за пехарот, но од тогаш работите комплетно се променија и сега екипата е дури во вториот дел на табелата.

Шесте порази на седумте последни средби во шампионатот доволно говорат за формата и проблемите со кои се соочува великанот, па според Вејн Руни време е менаџерот Арне Слот да донесе важни одлуки, а меѓу нив е и онаа да го стави Мохамед Салах на клупата за резерви.

- Да бев Арне Слот, ќе се обидев да донесам голема одлука, барем за да видам какво влијание ќе има врз остатокот од тимот. Салах не му помага на тимот во одбраната. Ако сте еден од играчите што пристигнаа ова лето, а седите на клупата и го гледате како не трча… Повторно, тој е легенда на клубот и секогаш треба да имате предвид што направил за клубот, но каква порака испраќа тоа до засилувањата што ја греат клупата? -вели Руни.

- Тие минуваат низ тежок период. Треба да ја земеме предвид и трагедијата со Диого Жота. Какво влијание има тоа врз играчите бидејќи загубија соиграч и пријател. Секако дека влијае на нив. Но, едноставно нема изговор за нив да не се борат и да не напаѓаат. Мислам дека Слот има голема работа пред себе во однос на тоа да го натера тимот да игра и да победува. Исто така е важно што во овој момент, во оваа серија резултати, името на Јирген Клоп се споменува сè повеќе и повеќе.

- Тоа е како присуството на Алекс Фергусон. На пример, кога Дејвид Мојс дојде во Манчестер Јунајтед, потоа Луи ван Гал – името на Фергусон се појавуваше постојано. Сега е исто со Слот, името на Клоп постојано се појавува. Тој не е Јирген Клоп. Тој не е толку добар како Јирген Клоп. Но, мислам дека навивачите на Ливерпул едноставно мора да го преболат тоа и да го поддржат“, заклучи Вејн.