Во италијанското село Небиуно, Ана Поси до ден-денес секојдневно работи во своето кафуле „Bar Centrale“, каде што подготвува еспресо уште од 1958 година. Минатиот месец го прослави својот 101-ви роденден.
Кафулето го отворила заедно со сопругот пред повеќе од шест децении, а по неговата смрт во 1974 година продолжила да работи сама. Таа и понатаму ги пречекува локалните жители и туристите, нудејќи услуга која стана симбол на континуитет и блискост со заедницата.

„Овој бар не е само место за кафе. Луѓето доаѓаат да се сретнат, да разменат информации и да се поврзат. Им помагам и со документи, а понекогаш им овозможувам и да ги изложат своите уметнички дела овде, и тоа бесплатно“, изјавила Поси за „Reuters“.
Оваа симпатична бабичка почнала да работи во угостителството веднаш по завршувањето на училиштето. Нејзините родители воделе ресторан, бар и киоск, а по Втората светска војна работела во рестораните на своите вујковци во Џенова. Таму ги научила сите аспекти од работата – од послужување и чистење до раководење и организација.

Културата на кафе во Италија, како што истакнува Ана, значително се променила низ децениите.
„На почетокот барот секогаш беше полн. Работниците од блиските фабрики доаѓаа наутро на кафе, а подоцна пиеја и малку грапа. Тогаш работата имаше свој ритам и динамика“, се присетила таа. Во 1960-тите, „Bar Centrale“ добил подиум за танцување и ги привлекувал посетителите од соседните градови. Ана стекнала лојална клиентела меѓу адвокати, лекари и инженери.
За неа, „Bar Centrale“ е многу повеќе од кафуле — тоа е место на собирање и поддршка за заедницата. И на 101-годишна возраст, Ана Поси покажува дека љубовта кон работата и луѓето нема рок на траење, а нејзината работа останува симбол на долговечност и лојалност.
















