Замислен како град на иднината, мега-комплексот „Forest City“, вреден 100 милијарди долари официјално бил отворен во 2016 година.
На идните жители им ветувал луксузен живот и еколошко пријатно опкружување, но работите тргнале во целосно друга насока, пренесува „LadBible“.
Зошто не успеал проектот?
„Forest City“ е лоциран во малезиската државата Џохор, а во него требало да живеат 700.000 жители. Денес важи за „град на духови“ затоа што на огромен простор, исполнет со згради, живеат околу 9.000 луѓе (податоци од 2023 година).
Популарниот јутјубер Бен Морис одлучил да го посети комплексот и да дознае повеќе за причините зошто не заживеал во полн капацитет.
Најголемиот инвеститор „Country Garden Holdings“ на 6 март 2016 година организирал свечено отворање. Во тоа време, вложени биле огромни пари во градење, со цел да се привлечат купувачи од средната класа.
Шанса за „втор дом“
Меѓутоа, работите не оделе по планот. Кинескиот вложувач влегол во финансиски проблеми, проектот не заживеал, а се пријавиле (пре)мал број купувачи.

„Се шпекулира дека постојат неколку причини кои довеле до неуспех на проектот, како недостаток на средства. Идејата била на Кинезите да им се понуди шанса да поседуваат втор дом во странство. Денес гледаме дека многу единици се празни“, вели јутјуберот во видеото.
Тој бил изненаден колку недвижнините се луксузни, а на гледачите им покажал како изгледаат.
„Апартманите имаат тениски терени, базени, теретани и други содржини“, објаснил тој.

„Побегнав оттаму“
Своевремено, странските медиуми ја пренеле приказната на Назмија Ханафи, ИТ експерт кој се преселил во „Forest City“.
„Побегнав оттаму по шест месеци. Изнајмив еднособен стан, но не ми беше гајле за депозитот, само сакав да си одам. Таму сте осамени, сами со своите мисли“, изјавил тој.
Ханафи рекол дека имал „големи очекувања“ од овој комплекс, но доживеал лошо искуство.
Луѓето кои со свои очи го виделе „Forest City“ навеле дека делува како „напуштено летувалиште“ со пусти плажи, ознака за забрането пливање, многу заборавени фабрики и ресторани.












