Миле Свилар, голманот на Рома и официјално најдобриот голман во Серија А, во минатата сезона, повторно ја одби поканата на тренерот Вељко Пауновиќ да игра за српската репрезентација. Иако дебитираше за Србија кога селектор беше Драган Стојковиќ Пикси, Свилар повеќе не сака да брани за Србија.
Голманот, роден во Белгија, во март минатата година одлучи дека нема да одговори на повиците на поранешниот селектор Стојковиќ, а истата одлука важи и денес, и покрај промената на клупата на српската репрезентација.
Свилар сака да игра за белгиската репрезентација, но според правилата на ФИФА, тоа повеќе не е можно бидејќи веќе има еден настап за Србија, на пријателски натпревар против Кипар.
Сепак, тој јасно стави до знаење – повеќе не сака да брани за Србија и сака да се врати во белгискиот фудбал.
Свилар прво ја одби поканата од тогашниот селектор Стојковиќ, на 5 март 2024 година, а истото го стори и сега. Тој јавно не ги објасни причините, туку само кратко рекол „не“ на селекторот.
Српскиот селектор, Вељко Пауновиќ потврди дека разговарал со него, но дека не сака да открива приватни причини.
„Разговарав со Свилар. Додека бев во репрезентацијата помеѓу 2012 и 2015 година, поминав низ многу семинари и еден ми остана во сеќавање. Холанѓаните рекоа дека се мала земја и дека не можат да си дозволат да изгубат ниту еден играч, а имаат три пати повеќе од нас.
Тогаш сфатив дека мора да бидеме уште поотворени кон играчите. Го повикав Свилар, како и другите кои беа под знак прашалник. За време на разговорот, разбрав дека одлучил да не игра, од лични и професионални причини за кои нема да зборувам. Жал ми е, се обидов да му покажам колку е важен“, изјави Пауновиќ за „Аренаспорт“.
Миле Свилар, роден на 27 август 1999 година, син е на легендарниот југословенски голман, Ратко Свилар.
Ја започна својата кариера во Андерлехт, од кој замина во 2017 година и се пресели во Бенфика за два милиони евра. Помина четири сезони во Португалија и одигра 23 натпревари, пред да пристигне во Рома како слободен играч во 2022 година.
Според „Трансфермаркт“, Свилар вреди 25 милиони евра, а оваа сезона прими девет гола на 15 натпревари за Рома.











