Паоло Ди Канио важи за еден од најдобрите аналитичари и експерти на италијанскиот телевизиски простор, па како човек кој секој викенд добива шанса да ги анализира случувањата во Серија А, сега решил да го апострофира значењето на летното засилување во тимот на Макс Алегри.
Милан продолжува без пораз по шокот во првото коло со Кремонезе, но трите реми средби на последните пет натпревари јасно ставија до знаење дека „росонерите“ не се доволно убедливи во напад, особено кога играат на гостински терен.
Реми средбите со Пиза, Аталанта и Парма пристигнаа во период кога во стартниот тим на Алегри го немаше Адриен Рабио, па токму поради тоа, Ди Канио смета дека сите во Милано со нетрпение ќе го чекаат неговото враќање по репрезентативната пауза која следи.
– Милан не почна добро, но значајно се подобри по поразот од Кремонезе, гледавме тим кој трча, притиска и кој е добро избалансиран и дисциплиниран. Напаѓаа и се бранеа како тим и не примаа голови.
– Сепак, тоа се промени во последно време, Милан даде осум, а прими шест гола на последните пет натпревари и тука дојде до израз отсуството на Рабио. Милан скапо ја плати неговата повреда на изминатите пет натпревари. Сите ги чекаат спринтовите на Леао и тој мора да игра како најталентиран играч во тимот на Милан, но без Рабио на таа страна од теренот, Милан има голем проблем, нема доволно добар баланс без Адриен во тимот, – заклучува Ди Канио.







