Велјко Пауновиќ денеска ја имаше својата промоција како српски селектор и го имаше првото обраќање од официјална прес-конференција, а на истата сосема очекувано беа собрани голем дел новинари кои го поздравија назначувањето на новиот селектор.
Пауновиќ беше народен избор на Федерацијата и ги предводеше листите на сите анкети кои беа направени во јавноста, па токму поради тоа, неговиот ангажман наидува на голем поздрав во јавноста, особено во ситуација кога ќе се бара брза реакција уште во месец ноември.
– Во разговорот со играчите детектирав неколку проблеми со кои се соочувале. Барам да добиеме поддршка од публиката, јавноста ни е потребна на стартот, но исто така, од мене побараа и јасност во одлуките кои се носат. Една од првите работи кои треба да ги вратам е меѓусебната доверба меѓу играчите, треба да ги уверам дека имаме шанса за Светско првенство.
– Треба да веруваме дека можеме да ја победиме Англија на „Вембли“, а потоа и Летонија. Ќе работам на самодовербата, на принципите на игра и на договорите кои ќе ги имаме како тим. Моето мото е: Секогаш може подобро! Можеме да се подобриме во сите фази, не сакам да гледам тим кој има страв. Стравот мора да го исфрлиме, сакам да вбризгам мудрост, страст и натпреварувачки менталитет во тимот, – изјави Пауновиќ, кој најави враќање на браќата Милинковиќ-Савиќ, но и на Душан Тадиќ кој поради нарушен однос со Пикси се повлече од репрезентацијата.
– Браќата Милинковиќ-Савиќ од претходно имаа донесено одлука за овој собир, но оставија простор да се приклучат во месец март и да продолжиме понатаму. Тадиќ? Секако дека остварив разговоро со него. Не го довршивме, но јас лично би сакал да го видам назад во репрезентацијата. Неговата креативност и лидерските способности добро би ни дошле уште сега. Мислам дека би бил добар за оваа група на играчи, – посочи Пауновиќ.







