Замислете дека присуствувате на работилница на која психолог ве замолува да запишете момент кога сте се чувствувале погрешно разбрани. И додека барате пример, таа додава: „А сега запишете момент кога вие сте го разбрале некого погрешно“
Одеднаш — речениците сами почнуваат да се редат. Токму тогаш станува јасно колку често осудите стојат меѓу нас и вистинската поврзаност.
Емпатијата не е вродена особина. Таа е вештина што можеме секојдневно да ја тренираме и која менува сè.

Еве седум вежби за развивање на емпатија кои можат да помогнат подобро да ги разберете другите, но и себеси.
1. Слушајте за да разберете, не за да одговорите
Слушањето не е само молчење додека го чекате вашиот ред да зборувате. Тоа е свесна одлука да не давате совет, да не споредувате и да не осудувате. Кога некој зборува за свој проблем, обидете се да ја слушнете емоцијата под зборовите. Можеби за првпат ќе ја забележите тагата во тонот, нервозата во движењето, срамот во погледот.
Емпатијата започнува во моментот кога не барате решение, туку кога му дозволувате на некого да се почувствува виден и прифатен.

2. Влезете во приказни што не се ваши
Емпатијата расте кога ќе излеземе од сопствениот круг на искуства. Прочитајте мемоари, приказни или интервјуа од луѓе чии животи се сосема различни од вашиот. Кога ќе ги запознаете судбините на оние што преживеале загуба, сиромаштија, дискриминација или војна, вашите секојдневни грижи добиваат нова перспектива.
Емпатијата не значи дека мора целосно да разберете некого, туку дека се обидувате.
Следниот пат кога некој ќе ве збуни или иритира, запрашајте се: „Која приказна би можела да го објасни ова?“
Таа мисла често е доволна да го стопи осудувањето пред да се вкорени.
3. Направете „микро-пауза“ пред да реагирате
Оваа вежба звучи едноставно: вдишете пред да одговорите. Во момент на стрес, кога некој ве пресече во сообраќај, кога детето извика, кога колегата е непријатен — застанете. Еден свесен вдиш и издиш вредат повеќе од илјада зборови. Таа мала пауза спречува емоцијата да управува со вас. Во тие неколку секунди, срцето и разумот имаат шанса да соработуваат.
Емпатијата не значи дека не чувствувате лутина. Таа значи дека не ѝ дозволувате на лутината да ве контролира.
4. Поставувајте прашања што отвораат
Колку често во разговор поставувате прашања за да ја докажете вашата поента, а не за да го разберете соговорникот?
Следниот пат, обидете се да бидете искрено љубопитни. Наместо „Зошто го правиш тоа?“ – прашајте „Што те наведе да го направиш тоа?“ Наместо „Зар не ти е јасно?“ – речете „Како ти го гледаш тоа?“.
Едно отворено прашање го менува тонот на разговорот, ја намалува тензијата и создава простор за искреност. Емпатијата живее таму каде што љубопитноста ја заменува потребата за контрола.

5. Набљудувајте ги своите внатрешни реакции
Најстрогите осуди често никогаш не се изговараат, но се мислат.
• „Зошто е така облечена?“
• „Зошто не се потруди повеќе?“
• „Пак се жали, а ништо не менува“.
Тие мисли изгледаат безначајно, но го обликуваат начинот на кој го гледаме светот.
Обидете се да ги освестите. Кога ќе забележите осудување, запрашајте се: „Што тоа во мене го предизвика? Зошто се чувствувам вознемирено?“. Често ќе откриете дека најмногу нè нервираат особините што и самите ги имаме – несигурност, нетрпеливост, преосетливост. Тоа препознавање не е слабост, тоа е почеток на разбирањето и на сопствената човечност.
6. Заменете ја перспективата во секојдневните ситуации
Замислете се на местото на другата личност, барем за момент. Во ред во продавница, некој ви се претрка. Првата мисла: безобразие. Втората, свесна мисла: можеби брза, можеби е загрижен, можеби му е тежок денот.
Тој мал пресврт менува сè. Дома, кога детето плаче бидејќи не сака да спие, сетете се како е тоа кога сте мали и ништо не одлучувате сами.
Емпатијата не значи дека ги оправдувате сите, туку дека реагирате од разбирање, а не од лутина.
7. Научете да го слушате своето тело
Нашето тело често знае пред умот кога емпатијата е присутна и кога ја нема. Кога зборувате со некој што е тажен, можеби чувствувате тежина во градите. Кога таа личност повторно ќе се насмее и вашето тело се опушта.

Тоа е тивка поврзаност, онаа што не бара зборови. Затоа, слушајте ги сигналите на вашето тело. Затегнати раменици значат отпор. Опуштен здив значи отвореност. Емпатијата не се наоѓа во мислите, таа се чувствува во телото.
Што можеме да научиме од овие вежби?
Тие нема да ве променат преку ноќ. Но ќе ве направат посвесни, понежни, потопли во контактот со луѓето. Следниот пат кога ќе се фатите себеси како пребрзо носите заклучоци за нечие однесување, застанете и запрашајте се: „Што ли оваа личност носи во себе, а јас тоа не го гледам?“
Емпатијата не е слабост. Таа е сила што нè враќа едни кон други. Бара да бидеме присутни и да го избереме разбирањето наместо брзиот суд. Зашто сите сакаме исто: некој да нè разбере без објаснување. А тоа започнува во моментот кога ние се обидуваме да ги разбереме другите.
И за крај, одговорете и запишете го одговорот: „Кога сте се почувствувале погрешно разбрани?“.














