Оваа Русинка ги завела најголемите умови на светот: Ја посвоила ќерката на љубовницата на својот сопруг, Ниче сакал да се убие поради неа, а Фројд засекогаш ѝ останал должен

Точка

11/11/2025

08:40

768

Големина на фонт

а а а

Лу Андреас-Саломе, руска психоаналитичарка и филозоф, несомнено претставува една од најфасцинантните личности од втората половина на деветнаесеттиот и првите децении на дваесеттиот век.

За нејзината убавина многу се зборувало, но мажите многу повеќе ги привлекувал нејзиниот остар ум. Затоа и не е чудно што на нејзиниот шарм не можеле да одолеат ниту Фридрих Ниче, Сигмунд Фројд, ниту поетот Рајнер Марија Рилке.

Поради неа, Ниче неколкупати се обидел да изврши самоубиство, Фројд не се одвојувал од неа, а Рилке станал славен по бурната љубовна афера со Саломе. Преку сите тие врски, Саломе останала своја. Нејзините биографи тврдат дека никогаш не се врзувала за ниту еден од своите љубовници.


Имала само 21 година кога го запознала Ниче, кој тогаш имал 38 години и бил целосно опседнат со неа. Истото воодушевување го чувствувал и Пол Ре, но Лу со ниту еден од нив не отишла подалеку од платонска љубов.

Со Ниче поминала три недели во чиста филозофија, а Елизабет Ниче, сестрата на славниот филозоф, била таа што го оддалечила својот брат од „опасната“ Лу. Ниче тоа никогаш не ѝ го простил. Очаен затоа што Саломе го напуштила, тој започнал да го пишува своето прочуено дело „Така зборуваше Заратустра“.

Саломе се омажила само еднаш – за Фридрих Карл Андреас, кој исто така се заканувал дека ќе си го одземе животот ако таа го напушти. Таа сепак прифатила брак, но под услов да немаат интимни односи.


Подоцна, дури му пронашла љубовница на својот сопруг, која починала во 1905 година, откако ја родила нивната ќерка Мари. Тогаш Саломе одлучила да го посвои девојчето.

Подоцна, Лу во својот дом донела нов штитеник – 22-годишниот Рајнер Марија Рилке, плашливо момче кое токму тогаш ги правело своите први поетски чекори. Лу била таа што му ја открила на Рилке својата татковина, во која двајцата пристигнале на преминот меѓу 19 и 20 век. Благодарение на жената што ја сакал, поетот безнадежно се вљубил и во Русија и во рускиот народ.

Но, ниту оваа врска не траела долго. Рилке станал славен – но ја изгубил Саломе.


Не ѝ се исполнила желбата да има свое дете. Имено, Саломе го изгубила своето бебе за време на врската со својот долгогодишен љубовник и личен лекар Фридрих Пинелс. По трагедијата западнала во тешка депресија, но Пинелс никогаш не дознал што точно се случило.

Лу потоа се свртела кон својата пасторка и кон Ана, најмладата ќерка на својот учител Сигмунд Фројд, од која не се разделувала. Тие биле центарот на нејзината љубов до самата нејзина смрт, во февруари 1937 година.