Првпат две кандидатки постари од 40 години на изборот за Мис Универзум

Точка

10/11/2025

20:02

845

Големина на фонт

а а а

На 74. издание на изборот за „Miss Universe“, што ќе се одржи на 21 ноември во Тајланд, првпат во историјата на ова натпреварување ќе учествуваат две кандидатки постари од 40 години.

Голем исчекор за организацијата на „Miss Universe“ претставува учеството на Мис Бонер – Никол Висер Пејликер и Мис Руанда – Соланж Кеита, кои со своите 42 години ќе бидат највозрасните учеснички во историјата на натпреварот. Двете го надминаа претходниот рекорд што во 2024 година го постави Мис Малта – Беатрис Нјоја, тогаш стара 40 години, пренесува "BFM TV".

За разлика од изборот за „Miss World“, кој има построги правила, „Miss Universe“ во 2022 година ја укина старосната граница за учество – единствениот услов што останува е кандидатката да биде полнолетна.


Од 2023 година, на натпреварот можат да учествуваат и мајки, мажени жени, разведени и трансродови личности.

Минатата година на изборот учествуваа десет кандидатки со деца, додека 24 натпреварувачки беа постари од 30 години.

Инспиративните приказни на двете натпреварувачки

Никол Висер Пејликер, која беше прогласена за Мис Бонер во август годинава, долго време живеела во САД, пред повторно да се врати на својот роден карипски остров под јурисдикција на Холандија.

Пред две години ѝ била дијагностицирана мултиплекс склероза, а преку своето учество на изборот за Мис Универзум сака да ја подигне свеста за оваа автоимуна болест и да укаже на потребата од подобар пристап до третман и лекување за заболените.

Соланж Кеита ќе биде првата претставничка на Руанда во историјата на изборот за Мис Универзум, пренесува "Tanjug".

Кеита живее во Канада од 1996 година, откако избегала од Руанда за време на геноцидот над Тутсите и поминала неколку месеци во бегалски камп.

Како амбасадорка на „UNICEF“ и директорка на компанија што го поддржува женското претприемништво, таа веќе има освоено повеќе титули на избори за убавина и се залага за мир и поголема општествена вклученост на жените.

На 21 ноември во Тајланд, Никол Висер Пејликер и Соланж Кеита ќе бидат дел од 127 кандидатки што ќе се борат за титулата најубава жена на универзумот.