Како ја замислувате посетата на ресторан? Келнерот ве пречекува со насмевка и ве сместува на масата која уредно сте ја резервирале. Наскоро во рацете ви се наоѓа менито, а со кратки препораки од домаќинот го избирате своето јадење. Следува нарачка, пристигнување на храната, пријатен разговор и крај на вечерата што завршува со сметка и насмевка на лицето поради полниот стомак. Сè е уредно, предвидливо и токму онака како што треба да биде…
Но, што ако ви кажеме дека постои ресторан во кој ништо не оди по тој распоред? Ресторан во кој никој нема да ве пречека затоа што сте резервирале маса, во кој ќе нарачате месо, а на чинијата можеби ќе добиете риба или супа. Може да се случи некој од персоналот случајно да ви ја испие чашата со вода, или неочекувано да ви се придружи нов гостин на масата. На прв поглед звучи како целосен хаос, но токму во таа необичност се крие магијата на една посебна приказна што доаѓа од Јапонија!
Ресторан во кој работат луѓе со деменција и во кој погрешните нарачки се дел од искуството, а не проблем кој треба да се реши
„Restaurant of Mistaken Orders“ не е обичен ресторан. Станува збор за уникатен „pop-up“ концепт што го осмислил јапонскиот телевизиски режисер Широ Огуни. Сè започнало кога, за време на посета на дом за стари лица, нарачал бургер, а добил кнедла. Наместо да ја врати, сфатил дека грешката е дел од секојдневието на луѓето што живеат со деменција – и дека во таа едноставна ситуација се крие силна порака. Од тој момент се родила идејата за ресторан во кој ќе служат луѓе со деменција, а „грешките“ ќе станат дел од искуството што поттикнува свест, поврзува и руши предрасуди.

Неочекуваното станува дел од доживувањето и обичниот оброк го претвора во топла лекција за трпението и прифаќањето
Во овој ресторан ништо не е целосно предвидливо. Ќе нарачате мисо супа, а ќе добиете суши. Ќе побарате вода, но келнерот по грешка сам ќе ја испие. Можеби некој ќе седне на вашата маса и ќе започне разговор, наместо да ја прими вашата нарачка. Сите тие мали забуни не се недостаток – токму тие се причината поради која гостите доаѓаат.

Проектот е замислен како своевиден општествен експеримент што учи на трпение и толеранција. Наместо совршена услуга, посетителите добиваат автентично човечко искуство, збогатено со топлина, хумор и изненадување. За време на еден од првите настани, дури 37% од нарачките биле погрешни, но по оброкот 99% од гостите изјавидека се задоволни.
Силата на односот е поважна од совршената услуга
Она што се случува во овој ресторан тивко, но силно ги менува воспоставените улоги. Во класичните ресторани, вработените се тие што се грижат за гостите, внимаваат на секој детаљ и се трудат да обезбедат совршена услуга. Овде таа слика се превртува. Гостите доаѓаат со намера да им пружат можност, поддршка и насмевка на оние што ги послужуваат.

Во тој посебен однос се создава чувство на блискост што не произлегува од луксуз или перфекционизам, туку од искрена човечка топлина. Лојалноста на гостите не се темели на беспрекорна услуга, туку на емпатија и заемна почит. Со овој проект, Широ Огуни покажува дека вистинската сила на еден ресторан не лежи во совршената организација, туку во односите што се раѓаат кога едни на други ќе си дадеме разбирање и простор за несовршеност.
Идеја која се шири надвор од Јапонија
Првиот настан бил организиран во 2017 година, со помош на кампања за краудфандинг која собрала околу 115.000 долари. Од тогаш, проектот се одржува повремено во Токио, најчесто во форма на повеќедневни „pop-up“ настани. Неговиот успех инспирирал слични иницијативи во Јужна Кореја и Австралија, а Огуни ги охрабрува сите заинтересирани да го преземат концептот и да го приспособат на своите локални заедници.

Јапонија има една од најстарите популации во светот, па не е чудно што токму таму се родила ваква идеја. Но, бројот на луѓе што живеат со деменција нагло расте на глобално ниво. Се проценува дека до 2050 година таа бројка ќе достигне 115 милиони луѓе. Проекти како овој покажуваат како општествата можат да одговорат на тој предизвик – не со страв и изолација, туку со солидарност и отвореност.














