Во земја која со години се гордее со туризмот, морето и „животот на Медитеранот каков што некогаш бил“, сè повеќе странци остануваат без зборови — не поради природната убавина, туку поради цените.
Судејќи според една вирална објава на Британка, Хрватска е станала толку скапа што дури и жителите на Лондон, еден од најскапите градови на светот, се згрозуваат.
Инфлуенсерката Ена Мори, која живее во Велика Британија, на „Instagram“ објави видео во кое отворено признава дека не можела да поверува колку Хрватска е прескапа.
„Мислев дека Лондон е скап, сè додека не дојдов во Хрватска“, рече Мори во видеото што брзо стана вирално.
Нереално висока цена
„Погледнав ја цената на еден кармин од ’Dior‘ и ми изгледаше апсурдно висока, бидејќи истиот тој го видов во Лондон“, објаснува таа, покажувајќи го производот во камерата.
„Дали сте нормални? 56 евра!?“, вели Мори во неверување.
Таа објасни дека истиот кармин во Лондон чини 35 фунти, односно околу 41 евро, што е 15 евра помалку отколку во Хрватска.
Нејзината објава предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.
Многу странци потврдија дека цените во Хрватска ги шокирале, додека домашните граѓани во коментарите изразија фрустрација поради растот на трошоците по воведувањето на еврото.
„Никаде не е толку скапо“
„Вистина, крадат на големо откако го воведоа еврото“, „Патував низ Европа последниве две години и никаде не е толку скапо како во Хрватска! Лудо!“ — се дел од коментарите.
Некои, пак, се обидоа да ја рационализираат разликата во цените.
„Во Европа може да се побара поврат на ДДВ, што ја намалува цената за околу 20%, па станува споредлива со онаа во Обединетото Кралство“, објасни една корисничка.
Други нагласија дека и во САД луксузните производи се значително поевтини.
Просечна плата — кармин од 56 евра
„Просечната плата во Хрватска е меѓу 1.200 и 1.400 евра, ако имаш среќа. И потоа ’Dior‘ кармин за 56 евра“, коментираа згрозени Хрвати, додавајќи дека цените веќе одамна не одговараат на реалноста во која живее обичниот човек.















