[ФОТО] Објавена карта на Европа со прекари на главните градови – еве со кој епитет се „закити“ Скопје

Точка

24/10/2025

09:15

3.990

Големина на фонт

а а а

На социјалната мрежа Инстаграм на профилот „Forummapping“ се појавила интересна карта која за кратко време привлекла големо внимание.

Картата била изработена со помош на вештачката интелигенција и ги прикажува новите, симболични називи на европските престолнини, инспирирани од нивната историја, култура и препознатливи особини.

Според оваа АИ карта, Скопје го носи прекарот град на статуите, а очигледно е дека и вештачката интелигенција ја „препознала“ таа страна од Скопје која е премногу очигледна.

Од останатите главни градови на поранешните земји на Југославија, Сараево го носи прекарот европски Ерусалим, епитет којшто совршено му стои поради долгата традиција на заеднички живот на различни религии и култури на мал простор.

Загреб е претставен како мала Виена, што се надоврзува на неговата архитектура, културна сцена и историско влијание кое потекнува од периодот на австро-унгарската монархија.

Белград е наречен бел Феникс, како симбол на силата на градот којшто низ историјата повеќе пати се кревал од пепел по големи разорувања.

Во описот на картата истакнато е дека Љубљана го добила прекарот град на змејовите според легендите и симболите кои се цврсто поврзани со нејзиниот идентитет – змејот меѓу другото е дел и од градскиот грб.

Кога станува збор за Подгорица, таа го добила прекарот град под брдото, што упатува на потеклото на нејзиното име, градот којшто настанал под брдото Горица.

Оваа креативна карта предизвикала бројни коментари и реакции, а многумина ја пофалиле идејата низ модерен, дигитален пристап да се освежи погледот кон европските престолнини и нивната симболика.