Откако на социјалните мрежи се појавила лажна објава дека подарува компири затоа што наводно не може да ги продаде, еден полски земјоделец речиси целосно го изгуби родот преку ноќ.
Тешко е да се замисли шокот што го доживеал полскиот земјоделец, во медиумите споменат само како „господин Пјотр“, кога дошол на својот имот да го провери родот и затекнал непознати лица како ги полнат приколките и џаковите со неговиот компир.
Според извештаите на локалните медиуми, земјоделецот од местото Домбровица, во југоисточна Полска, изгубил речиси 150 тони компири поради лажната објава на социјалните мрежи.
Во објавата стоело дека господин Пјотр не може да го продаде својот компир и затоа го подарува, па многу луѓе тргнале кон неговиот имот да го „берaт“ сами. Некои полнеле вреќи, додека други доаѓале со приколки и однесувале по неколку тони веќе ископани компири.
😮 Ludzie zbierają ok. 150 ton ziemniaków❗ ➡...
Posted by Portal informacyjny nowiny24.pl on Saturday 11 October 2025
„Бев шокиран. Имам 68 години и никогаш во животот не сум доживеал нешто слично. Беше како сцена од кошмар“, изјавил господин Пјотр за телевизијата „wPolsce24“.
Како што објаснил, за време на викендот не бил близу имотот затоа што присуствувал на семејна прослава, па не знаел што се случува додека во понеделникот не отишол на нивата.
Се надева дека луѓето ќе му го вратат компирот
Сè уште не е познато кој ја започнал лажната вест дека подарува компир, но луѓето кои поверувале во објавата практично го украле родот. Многумина од нив, според зборовите на господин Пјотр, биле земјоделци од околните села, а некои однеле и до шест приколки, што е околу 60 тони компир.
Земјоделецот, сепак, се надева на мирен исход:
„Се надевам дека оние што беа таму ќе стапат во контакт со мене, ќе ја објаснат ситуацијата и ќе сè решиме мирно. Ако не, случајот ќе заврши кај јавниот обвинител. Некој ми го украде компирот“, изјави Пјотр.
Тој додал дека веќе се јавил еден човек кој признал дека зел две вреќи компир „во момент на лудило“, кога ја видел гомилата луѓе на нивата. „Се извини, сè објасни и го решивме случајот. Но, има и оние што однеле десетици тони“, рече тој. „Сè уште не знам како ќе заврши сè. Во моментов сум во целосен хаос.“
Според пишувањата на локалните медиуми, полицијата сè уште не примила пријава, бидејќи земјоделецот верува дека, кога луѓето ќе сфатат дека приказната за бесплатниот компир е измислена, барем дел од родот ќе биде вратен.
Во спротивно, како што вели, ќе бара правда пред судот.











