Италија воведува волшебен, божиќен воз кој ќе поминува низ три земји и ќе ги поврзува најубавите саеми во Европа: Секој патник добива подарок

Точка

24/10/2025

13:15

2.954

Големина на фонт

а а а

Мирисот на варено вино и цимет, звуците на божиќните песни, снегулките, светлата во сите можни бои, шармантните дрвени куќички што продаваат домашни колбаси, фритули, меденки, уникатни ракотворби…

О да, едвај ги чекаме празниците и бајковитата атмосфера на божиќните саеми. Секако, зимските празници се идеални за патување, а Италија неодамна објави дека во декември ќе лансира специјален ноќен божиќен воз, кој ќе ја поврзе нивната прекрасна престолнина Рим со германскиот град Минхен и неговите легендарни божиќни саеми.

На патниците ќе им бидат на располагање тематски декорирани кабини, бар и ресторан

Дизајнирана да ја евоцира магијата на празничната сезона, оваа нова железничка линија, наречена „Espresso Monaco“, им ветува на патниците волшебно возење низ некои од најживописните европски предели. Магично возење низ моќните Алпи, спиење во луксузни кабини украсени во веселиот божиќен дух, дружење со други туристи во тематски бар или ресторан – едноставно звучи совршено.


Со загарантирани поаѓања закажани за 5-ти и 12-ти декември, „Espresso Monaco“ ќе понуди навистина уникатно искуство на ноќно патување. Патниците ќе се качуваат на возот на римската станица Термини во 19:57 часот, а ќе пристигнат во Минхен точно во 13:00 часот следниот ден.

Возот „Espresso Monaco“ ќе застанува во Верона, Тренто Болцано

Ако сакате да заборавите на стресот и да ги избегнете бесконечни редици и метежите на аеродромите, маката со изнајмување автомобил или возење во темница во зимски услови, ова е можност што апсолутно не смеете да ја пропуштите.


„Espresso Monaco“ ќе ги носи патниците на 17-часовно ноќно патување по живописна рута низ некои од најубавите региони на Италија, Австрија и Германија, вклучувајќи застанувања во Верона, Тренто, Болцано, Бресаноне и Фортеца, пренесе „Outlook Traveller“.

Веселата атмосфера дополнително ќе биде „загреана“ со соодветна свечена музика

Потоа патувањето продолжува низ алпските предели на Инсбрук, Куфштајн и превојот Бренер, нудејќи прекрасни погледи на снежните врвови и живописните села. Секој патник во италијанскиот празничен воз ќе биде пречекан со мал празничен подарок на своето седиште, сите кабини ќе бидат исполнети со божиќни украси, а веселата атмосфера дополнително ќе биде „загреана“ со празнична музика.


Без разлика дали ќе изберете приватна еднокреветна или двокреветна кабина или ќе се одлучите за кабини што сместуваат до шест патници, незаборавното искуство е загарантирано. А по пристигнувањето во Минхен, ве очекуваат култните божиќни пазари, едни од најпосетуваните во Европа.

Воз како поодржлива и поудобна алтернатива на авиони и автомобили

Враќањето во Рим е планирано за 13:40 часот на 7 и 14 декември, со пристигнување во италијанската престолнина рано наутро следниот ден.


Оваа нова железничка услуга е дел од поширока италијанска иницијатива за промовирање на патувањето со воз како поодржлива и поудобна алтернатива на авионите и автомобилите. Сите информации за овој празничен воз можете да ги најдете на официјалната веб-страница на „FS Treni Turistici Italiani“.