Во германскиот град Улм веќе неколку години постојат прибежишта за оние најзагрозените во текот на зимата – соларните капсули „Ulmer Nest“ кои во текот на ледените ноќи даваат заштита на бездомниците кои поради било која причина не можат (или не сакаат) да користат класични засолништа.
Со проектот управува тим од шест експерти од различни области, а прототипските капсули биле смислени да послужат „како последна линија на одбраната“ од смртоносниот студ којшто е посебен вид предизвик за бездомниците.
Овие гнезда, според зборовите на креаторите, се сигурни засолништа за бездомниците затоа што ги штитат од смрзнување иако самите не се претерано топли, но и од напади на кои бездомниците се особено изложени.
Како функционира „гнездото“?
Капсулите се направени од комбинација на дрва и челик, со изолација која ја чува топлината и соларни панели кои овозможуваат автономна работа, што значи дека не зависат од градската струја.
Внатре се вградени сензори за движење и систем којшто ги известува социјалните работници кога капсулата е зафатена.
Наутро, кога лицето е заклучено во капсулата, доаѓа тим од „Caritas“, пружа помош, го информира за достапните услуги и по потреба нуди топол чај и разговор.
Капсулите се проектирани така што во нив можат да се сместат едно или две лица затоа што многу од бездомниците одбивале сместување во традиционалните засолништа токму поради ситни, но значајни причини: страв дека ќе бидат разделени од своето куче, непријатност од престојување во заедница, чувство на несигурност.
Зошто ова е важно?
Во текот на зимата, кога ноќните температури паѓаат и градските засолништа се зафатени, бездомниците се најранливи, изложени на настинки, ветер, влага и опасности на улиците.
„Ulmer Nest“ е проект којшто се обидува да ја пополни таа празнина, да обезбеди основна сигурност и топлина, но и достоинство за оние кои немаат кров над главата.
Важно е да се нагласи дека овие капсули не се алтернатива како традиционалните засолништа туку привремено решение за оние кои се исклучени од тој систем.
Предизвици и иднина
Проектот се соочува со логистички и технички предизвици: одржување, чистење, контрола на состојбата на капсулата, како и координација на работата на социјалните службеници.
Градот Улм секоја зима поставува капсули на стратешки места, паркови и централни локации, пред мразот сериозно да настапи на сцена.
Најавата е дека проектот би можел да послужи како модел и за други градови, доколку се покаже како успешен, би можело да се размисли за пошироко воведување на вакви капсули како во Германија така и во другите земји каде бездомниците се голем проблем.
„Ulmer Nest“ е пример како иновацијата, емпатијата и одржливата технологија заедно можат да направат голема разлика, на луѓето на улица да им дадат не само засолниште туку и малку надеж во текот на најтешките ноќи.